Иранскиот заменик министер во неделата изјави дека „некои луѓе“ трујат ученички во светиот град Ком за да ги спречат девојчињата да се образуваат, објавија државните медиуми.
Од крајот на ноември забележани се стотици случаи на респираторно труење на ученички, главно во училиштата во Ком, јужно од Техеран. За некои било потребно болничко лекување.
Заменик министерот за здравство Јунес Панахи индиректно потврди дека се работи за намерно труење.
„По труењето на неколку ученички во училиштата во Ком, беше откриено дека некои луѓе сакале да ги затворат сите училишта, особено училиштата за девојки“, рече Панахи во неделата, пренесе државната новинска агенција IRNA.
Тој не ја појасни изјавата, а засега нема апсења поврзани со труењата.
Родителите на отруените ученички се собраа пред градската управа на 14-ти февруари за да „побараат објаснување“, пренесе IRNA.
Владиниот портпарол Али Бахадори Јахроми следниот ден изјави дека министерствата за разузнавање и образование се обидуваат да откријат како се случило труењето.
Генералниот обвинител Мохамад Џафар Монтазери минатата седмица нареди судска истрага за инцидентите.
Ученичките беа отруени поради протестите во Иран предизвикани од смртта на 22-годишната иранска Курда Махса Амини во притвор поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување за жените.