Лајчак се сретна со Вучиќ во обидите да се организира нова рунда преговори мешу Блаград и Приштина

Српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград се сретна во средата со специјалниот пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, на средбата којашто следеше откако од Брисел беше најавено дека во септември може да се одржи нова рунда дијалог меѓу српската и албанската страна.

„Разговарав повеќе од два часа со Мирослав Лајчак. Многу сум загрижен за развојот на настаните на Косово и Метохија и планот на (косовскиот премиер Албин) Курти за насилно окупирање на северот на покраината и протерување на Србите од нивните вековни огништа. Ова го пренесов до специјалниот претставник на Европската yнија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, соопшти Вучиќ на Instagram профилот „будуќностсрбијеав“.

Инаку, на маргините на Стратешкиот форум во Блед, Лајчак веќе разговараше со косовскиот премиер Албин Курти.

„Имав важна средба со премиерот Курти во Блед. Наша примарна тема беше подготовката на следниот состанок за дијалог на високо ниво во септември, со фокус на нормализацијата на односите и спроведувањето на планот на Европската унија до 3-ти јуни“, напиша Лајчак на социјалната мрежа Х.

Претседателот Вучиќ во вторникот вечерта изјави дека косовскиот премиер Албин Курти намерно ја одложува средбата со него во Брисел за, како што рече, да ја заврши својата валкана работа на Косово.

„Ми понудија датум да одам во Брисел, но не. Курти има попаметни работи да прави, затоа што купува време да ги спроведе своите закани на дело, сигурен сум во тоа. За неколку месеци некој ќе се обиде да разговара, а во меѓувреме колку Срби се уапсени, ранети, повредени, колку лекови останале во српските болници и какви нови мерки се донесени, од законот за експропријација и спроведувањето на експропријацијата до тоа што неговите рокови за Србите да мораат да ги напуштат просториите истекува, па тој да ги земе и слично“, истакна Вучиќ во вторникот.

Притисокот од ЕУ се засилува, како што се толкува пораката на францускиот претседател Емануел Макрон, кој изјави дека се очекува Белград и Приштина да се ангажираат во спроведувањето на француско-германскиот предлог.

„Со Германија напишавме нов патоказ кога станува збор за разликите меѓу Србија и Косово. Верувам дека ова е добар патоказ кој беше поддржан од европските преговарачи и нашиот претставник, така што очекуваме јасна посветеност од двете страни“, рече Макрон на прес-конференција.

Додаде дека се очекува „јасен ангажман“ на двете страни во врска со изборите во општините на северот на Косово, како и обновено учество на Србите во институциите. „Очекуваме да се врати мирот во овој регион“, рече Макрон. Посочи и дека Франција и Германија имаат преземено одредени обврски кога станува збор за визната политика и други економски прашања, кои, како што рече, ќе бидат разгледани доколку страните не се однесуваат одговорно.