Во судирите меѓу полицијата и учесниците на забранетите пропалестински собири Берлин ноќта кон четвртокот приведен се 174 лица, додека 64 полицајци се полесно повредени а еден потешко, соопшти полицијата на германската престолнина.
Во средата вечерта во берлинскиот кварт Неукелн, каде што живеат главно семејства од арапско потекло, жителите почнаа да се собираат и покрај забраната за одржување собири за поддршка на Палестинците во заднината на тековната војна меѓу Израел и радикалното исламистичко палестинско движење Хамас.
Пропалестинските демонстранти притоа ја нападнале полицијата со пиротехнички средства и фрлале камења и шишиња. Некои од прозорците на улицата фрлале предмети и палеле контејнери со отпад и автомобили, и притоа се снимале со мобилните телефони.
Биле нападнати и неколку новинари коишто демонстрантите ги обвинувале дека работат за „медиуми кои лажат“. Ситуацијата се смирила дури по полноќ.
Германскиот полициски синдикат GdP остро ги осуди инцидентите на берлинските улици, и ги нарече „верска војна“.
„Овде се слават терористичките напади на Хамас и Хезболах. Оној што во Германија бара заштита, го бара нашето гостопримство и демократски соживот не смее да се крева против нашите закони“, се наведува во соопштението на GdP.
Откако Хамас го нападна Израел на 7-ми октомври, а израелската армија возврати со одмазнички напади во палестинската енклава Појасот Газа со цел да го уништи движењето, во Берлин и другите германски градови се случија бројни пропалестински собири, на кои некои од учесниците скандираа воспевања на Хамас или извикуваа антисемитски слогани.
Германските власти ги забранија пропалестинските собири и демонстрации на кои се изразува поддршка за палестинската кауза или се критикува Израел, и започнаа со примена на сила во разбивањето на недозволените собири.
Германскиот канцелар Олаф Шолц најави и јакнење на безбедносните мерки околу еврејските објекти, кои поради низата инциденти минатите години веќе подолг период се под 24-часовна полициска заштита.
Мноштвото арапски жители на проблематичната берлинска населба Неукелн во Германија пристигале или во екот на граѓанските војни во Либан кон крајот на 1970-те години, во кои улога имаше и Израел, или во текот на огромниот мигрантски бран во 2015/2016 година.
Инцидентите во Берлин ги осуди и берлинскиот градоначалник Каи Вегнер, од Христијанско-демократската унија (CDU).
„Срамно е тоа што ние мораме да го трпиме на берлинските улици, тој антисемитизам и подбуцнувањата против Евреите“, рече Вегнер.
Градоначалникот „најостро“ го осуди и нападот со молотови коктели врз еврејскиот центар со синагога и други институции во центарот на Берлин од средата утрото.
„Берлин поптолно е на страната на Израел“, рече Вегнер.
Германските медиуми истакнуваат дека на денот кога Хамас го изведе нападот без преседан во јужен Израел во кој беа убиени околу 1.400 Евреи, главно цивили меѓу кои и деца, на улиците на квартот Неукелн некои мигранти славеле и делеле колачи. Последните денови речиси секојдневно има судири на полицијата со лицата кои ја игнорираат забраната за собири со поддршка за Палестинците.