Во петокот рано утрото околу 3,40 часот на булеварот „Јане Сандански” во Скопје, автомобил „рено клио”, со велешки регистарски ознаки, не застанал на даден знак од полициски службеници и продолжило кон Железничката станица, по што на скопските улици се одвивала вистинска филмска сцена
Веднаш биле упатени дополнителни служби за да се запре возилото, но тоа успеало да ги одбегне патролите и се упатило по булеварот „Гоце Делчев” во правец кон крстосница со улицата „Беласица”. Во близина на МТВ, возилото удрило во патничко возило полициска „дачија дастер”, по што автомобилот со бегалците продолжило во правец кон населбата Керамидница и по кратко време возачот изгубил контрола и удрил во бетонски жардиниери и запрел.
Притоа, со повреди се здобил совозачот, а возачот излегол и скокнал во реката Вардар во обид да им избега на полициските службеници.
За кратко време бил изваден од реката, по што и двете лица биле пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември” за укажување на лекарска помош и било утврдено дека биле од Алжир.
Возилото кое го управувале, го одзеле во текот на ноќта од вландовското село Градец. „Се работи на расчистување на случајот“, информираат од МВР.