Багдад ги обвини Курдите дека носат борци на PKK од Турција, што е „објава на војна“

Владата во Багдад ги обвини во неделата ирачките Курди дека во со нафта богатата покраина Киркук доведуваат од Турција борци на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) што е еднакво на „објавување војна“, а ирачките Курди ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека доаѓаат „само симпатизери“.

Вахал Али, претставникот за медиуми во Покраинската курдистанска влада (KRG) која ја води претседателот на автономниот регион Масуд Барзани, ги отфрли ваквите обвинувања.

„Тоа е лага, нема PKK во Киркук, присутни се пешмергите (доброволци од KRG)“, изјавил портпаролот за Reuters .

Агенцијата AFP ја пренесува изјавата на генералниот секретар на министерството на пешмергите (оние коишто не се плашат да умрат, на курдски) во Киркук има „по некои доброволци кои го симпатизираат PKK“.

Турција, САД и Европската унија ја сметаат Работничката партија на Курдистан (PKK) за терористичка организација.

Во соопштението објавено по состанокот со кој претседаваше ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади во Багдад, а на кој присуствуваа највисоките воени и полициски команданти, владата најави дека ќе воспостави своја власт во Киркук и во другите спорни области за коишто Курдите сметаат дека им припаѓаат.

Водството на ирачките Курди претходно во неделата го одби барањето на ирачката влада да ги поништи резултатите од референдумот за независност како предуслов за разговори за решавање на кризата. Барзани и другите курдски лидери одржаа кризен состанок во градот Докан порано во неделата и повторно понудија „во мир да ја решат“ кризата со централната влада во Багдад. Објавија дека ги отфрлаат „воените закани“ од ирачките сили против пешмергите и ветија дека ќе ги бранат териториите населени со Курдите доколку бидат нападнати.

Багдад и владата на Барзани се на работ од судир откако ирачките Курди на 25-ти септември одржаа референдум за независност на Курдите на што одговорија соседните земји, во прв ред Турција и Иран, стравувајќи дека тоа ќе ги поттикне тежнеењата за независност и курдските малцинства на нивните територии. Тензиите меѓу двете страни владеат и во мултиетничкиот град Кикук, кој пешмергите го заземаа во 2014година кога ирачките сили се распаднаа пред ненадејната молскавична офанзива на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, којашто успеа да освои големи делови од Ирак и Сирија.