Британија воведува нов систем на предупредување за Covid-19

Британскиот премиер Борис Џонсон во понеделник ќе ги запознае пратениците со новиот тристепен систем на предупредување со кој ќе се одреди кои мерки ќе се применуваат во разни делови на земјата поради епидемијата на коронавиросот, додека северот на Англија се подготвува за заострување на рестрикциите.

Џонсон во текот на попладнето ќе им се обрати на пратениците во Претставничкиот дом, долниот дом на британскиот парламент, по состанокот на кризната комисија на неговата влада во понеделникот претпладнето.

Новиот систем, како што дознаваат медиумите, ќе има три степена на предупредување: среден, висок и многу висок. Тоа ќе зависи од ширењето на вирусот, што ќе ги одредува мерките кои ќе се применуваат на локално ниво.

Пратениците ќе дискутираат за системот, а потоа до крајот на седмицата и ќе гласаат за овие мерки кои би требало да ги поедностават и разјаснат одлуките во врска со сузбивањето на епидемијата.

Премиерот Џонсон потоа ќе ѝ се обрати на нацијата на прес-конференција која ќе биде пренесувана на телевизиите и на која ќе учествуваат и министерот за финансии Риши Сунак и главниот епидемиолог Крис Вити.

„Во овој пресуден момент извонредно е важно секој да постапува во согласност со јасните насоки кои ги дадовме за да помогнеме во спречувањето на ширењето на вирусот“, изјави портпаролот на Даунинг стрит.

Обединетото Кралство е најпогодената земја од коронавирусот во Европа, со 42.825 починати, а само во неделата имаше 65 смртни исходи, и со 12.872 новозаразени, или севкупно од почетокот на епидемијата над 604.000.