Детектор анкета: 25 отсто од граѓаните велат дека останале без работа поради коронакризата

Една четвртина од граѓаните велат дека останале без своето работно место поради корона кризата, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 25,8% од анкетираните велат дека или тие или некој од нивното семејство привремено или трајно останале без работа поради корона кризата, додека 67,8% од анкетираните велат дека го немале тој проблем. 14,4% од граѓаните велат дека поради кризата приходите во нивното семејство се намалиле. 47,4% велат дека немаат намалување на семејните приходи, додека 32,4% велат дека донекаде имаат намалување на приходите.

Сепак, анкетата не покажува значителен раст на задолжувањето. Само 4,7% од анкетираните граѓани велат дека во овој период аплицирале или планираат да аплицираат за кредит во банка, додека 80.7% велат дека не го сториле тоа. 53,3% од граѓаните велат дека се задоволни од мерките и понудите на банките за време на кризата додека 24% велат дека не се. 59,8% од граѓаните веат дека цените на храната и лековите се зголемени, 28,4% велат дека цените останале исти, додека 4,9% сметаат дека имало поевтинување.

Од друга страна зглемени 28% од граѓаните се на ставот дека во продавниците ги има потребните производи. 86,1% од анкетираните велат дека кога пазаруваат успеваат да ги најдат сите производи во продавниците, додека 12,6% велат дека не можат секогаш се да купат. 24,1% велат дека во продавниците најтешко се наоѓа брашно, 21,3% средства за дезинфекција и чистење, додека по 12,1% велат дека кога пазаруваат најчесто им недостасува тоалетна хартија и овошје и зеленчук. Н

ајголем дел од граѓаните или 38,1% велат дека пазаруваат неколку пати неделно, 28,3% во продавница одат еднаш во неделата додека 20,7% во супер маркетите по храна и други основни потреби одат секој ден. 7,7% рекле дека пазаруваат неколку пати месечно, 2,8% само еднаш месечно, а 1,6% и поретко од еднаш во месецот.

Купувањето главно се прави со директно одење во продавниците бидејќи 72,5% од анкетираните велат дека во овој период на корона вирусот не ја користеле можноста за онлајн купување, додека онлајн шопинг правеле 21,4% од граѓаните. Повеќе од половина од анкетираните или 56,5% велат дека не очекуваат недостаток на храна и лекови поради корона вирусот додека 20,6% стравуваат дека тоа може да се случи.

Во однос на анкетата која ИПИС за Детектор ја спроведе во март, може да се забележи намалување на бројот на граѓани кои очекуваат недостаток на храна и лекови поради корона кризата и тоа од 32,6% во март на 20,6% во април и раст на бројот на граѓани кои не очекуваат недостаток на храна и лекови од 50,4% во март на 56,5% во април. 58,5% од граѓаните велат дека се информирани дека поради корона вирусот, во Македонија има пристигнато помош или донација од странство, додека 41,5% велат дека немаат такви информации.

А 18,6% од граѓаните велат дека најголема помош за Македонија очекуваат од Европската Унија, по 3,7% од НАТО и Турција, 2,7% од Словенија, 2,2% од Кина и по 2% од САД и Русија. 31,2% велат дека помош не очекуваат од никого.

Граѓаните сметаат дека на Македонија во моментов најмногу и треба финансиска помош. Ваков став имаат 39,7% од анкетираните. 24,8% сметаат дека најнеопходна во моментов е медицинската помош, 14,3% сметаат дека од меѓународниот фактор ни треба помош во стручен медицински персонал, 10,6% во лекови и 2,6% во храна. Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1123 испитаници во периодот од 21 до 24 април со маргина на грешка од плус-минс 3%.