Деветка на ПСЖ

Францускиот фудбалски шампион Пари Сен Жермен го победи во саботата последниот тим на табелата Гинган дури со 9:0 во средбата од 21-то коло од националното првенство.

Гинган пред десет дена ги шокираше „Светците“ победувајќи ги во четвртфиналето од Лига купот на нивниот „Парк на принцовите“ со 2:1, но ПСЖ сега им врати и тоа „со камата“.

Во една од најубедливите победи во историјата на клубот, по три гола постигнаа Килиан Мбпапе во 37, 45 и 80, и Единсон Кавани во 59, 66 и 75 минута, двапати погоди и Нејмар, во 11 и 68, а погодок постигна и Томас Муние во 83 минута.

Рекордната победа на ПСЖ е постигната во февруари 1994 година, кога во националниот куп со 10:0 е совладан нисколигашот Кот Шоде.

ПСЖ е на чело на табелата со 53 бодови, 13 повеќе од второпласираниот Лил, но парижаните имаат и два натпревара помалку. Гинган, пак, е веќе сигурен патник во понизок ранг на натпреварување, бидејќи досега успеа да освои само 14 бодови.

Во првиот натпревар од 21-то коло на француското фудбалско првенство, Лил во петокот вечерта го надигра Амјен со 2:1 на свој терен.

Во сабота уште се играат натпреварите Монако – Стразбур, Ним – Тулуз и Ремс – Ница. Во недела се среќаваат Рен – Монпелје, Каен – Марсеј, Анжер – Нант, Бордо – Дижон и Сен Етјен –Лион, а колото во понеделникот го затвора дуелот Ним – Анжер.