Конкуренцијата на идеи е здрава работа, а критиката е добредојдена со својата издржаност. По се изгледа ние сè уште сме далеку од ваквите постулати на поимање на демократско општество и на срце ни лежи феудално-режимската настроеност. Наместо да одиме напред, ние се враќаме назад и сме далеку од ценење на стручната подготвеност, бидејќи сè уште главна компонента за оценување на квалификациите е партиската припадност, дури не се почитува најискрената подкомпонента – симпатизер или поддржувач на дадени прокламации за поубав и посреден живот во државата.
Мотивите гребатор (тапкач по рамо или секогаш подготвени да речат шефе ти си најдобар, ти си во право) и потрчко.
Од она што можеше да се слушне на синоќешните протести, колку и да има емоции и пристрасност од оние што се обратија, сепак, едно останува да се забележи – го избркале од работа само затоа што напишал пост против власта; или затоа што бил дел од техничката влада со министер на опозицијата. Ова потсетува на едно друго време кога ваквите изговори се користеле за луѓето што имале нормални размислувања да бидат испратени на Голи Оток, во Преспа, Идризово и други места за превоспитување, односно земање на здравјето. А, нели се стремиме во модерна Европа, за да се вклопиме во глобалните текови на планетата. Токму вербалниот говор се укина како казниво дело, освен ако не се задира во хуманите човечки начела, како фамилијата итн.
„Дојде животот“ прокламираше ослободување од режимските стеги и дека секој ќе може слободно да каже што мисли за власта. Испаѓа дека „режимот“ размислувал понапредно, не дека немаше лоши работи и во тоа време, ама во однос на стручноста и консултацијата не се двоумеа да земат кадри кои партиски не се определени, дури и од противничкиот табор.
Да отпуштиш некого од работа само затоа што напишал статус против власта е разочарувачки и деградирачки за едно општество. Згора на тоа, и не биле на работа, односно земале неплатен одмор. Давање на отказ во таква ситуација е предизвикување на директна штета на државата. Како и да е, со нормално судство, тие луѓе по судски пат ќе бидат вратени на работа. Тогаш, кој треба да одговара и кој ќе ја плати штетата?
Ако на овие животни приказни се надоврзат отпуштањето на сестрите во екот на најголемиот замав на пандемијата на коронавирусот, и ако се додадат денешните тврдења на министерот Филипче дека доктори си даваат откази поради измореност од Ковид-19, во прашање е нешто друго. На ова ќе се надоврзат разместувањата на полицајците, се со цел да се откажат од работа, само затоа што прифатиле понуда на министер во влада да бидат дел од неговиот тим.
Имајќи ја предвид изјавата на премиерот Зоран Заев дека ќе и помогне на државата/стопанството со намалување на 20 отсто од администрацијата, очигледно е кој модел го има избрано да го направи тоа – тие што не се на негова страна, наместо да се употребат соодветните механизми за такви работи.
Не’ боли главата кога меѓународните институции и организации ќе констатираат дека во Македонија владее хибриден режим, но тоа е само блага форма, бидејќи е повеќе од тоа.
Последиците од хибридниот режим, а рековме и повеќе од тоа, се катастрофални. Како прво, најлошо е да си поигруваш со човечки судбини; второ, неспособноста да ја префрлаш како вина на другите; узурпација на институциите за остварување на лични бизнис цели; непочитување на правото; констатно осиромашување – податок што го констатира Светската банка; лошо справување со пандемијата на Ковид-19 и финален продукт – „Трчај како да бегаш од Македонија“ (транспарент за бодрење на еден од учесниците на скопскиот маратон), масовно иселување на квалификуваниот млад и здрав кадар.
Ова не може да се покрие со договорите со Грција и Бугарија, шиткањето на националните интереси, членството во НАТО – кое и онака беше во завршна фаза и почеток на преговори за членство во ЕУ, бидејќи и таму бараат чисти сметки и чисти луѓе.