ДУИ за „Дневник“: Дејствувањето на СДСМ по теркот на „пу-пу, не важи“ е на штета на државата

Ставовите на СДСМ се спротивни на нивниот потпис ставен на договорот од 2-ри јуни, што практично значи дека СДСМ едно зборува и демонстрира пред меѓународните фактори, а друго договара интерно, пишува весникот „Дневник“ .

Весникот нагласува дека со ова се согласуваат и албанските коалициони партнери во власта.

Од ДУИ за „Дневник“ коментираат дека дејствувањето на СДСМ по теркот на „пу-пу, не важи“ е на штета на државата. Порачуваат дека компромисот подразбира секоја страна да отстапи од своите цврсти барања во интерес на државата.

– Kомпромисот подразбира сите страни да се еднакво незадоволни, односно задоволни, што значи треба сите да се надминеме себе, да отстапиме од нешто на што инсистираме, да ги ставиме државните пред партиските интереси. Ние јасно кажавме и во Брисел на Централното претседателство на партијата дека целосно го поддржуваме договорот од 2 јуни. Тоа не е договор на Хан, туку нешто што сите го потпишавме и ќе помогне за да се подобрат работите во нашето општество, вели пратеникот од ДУИ, Артан Груби.

Лидерска средба во Скопје
Лидерска средба во Скопје

Додека Брисел се надева и верува дека до 29 јуни четирите партиски лидери ќе договорат како ќе се организираат закажаните избори, за СДСМ сето тоа нема никаква важност се додека премиерот Никола Груевски не си даде оставка. И понатаму остануваат со тој ултиматум, иако, според анексот, потпишан од нив на лидерската во петокот, кој еврокомесарот Јоханес Хан го објави на страницата на Европската комисија, „се обврзуваат да го почитуваат договореното од 2-ри јуни и дека ќе ја потврдат својата заложба кон евро-атлантските процеси и демократските принципи“.

„Дневник“ повикувајќи се на партиски извори во СДСМ за пишува дека раководството на најголемата опозициска партија во земјава е свесно дека работите не функционираат во нивна полза, односно дека Груевски нема да си замине, како и дека бриселските критики на нивна адреса се повеќе ги има.

Сепак, партискиот портпарол Петре Шилегов за „Дневник“ изјави дека нема да се реализира ништо од договореното, дури ни на средбата закажана за 29-ти, за која Брисел очекува дека ќе биде финална, „ако Груевски не си оди“.

Според Шилегов, ова не значело блокирање на процесот за решавање на кризата во која Македонија се подлабоко пропаѓа, туку било логично барање на опозициската партија. Нагласува дека и на Брисел му било јасно оти СДСМ нема да отстапат по ниедна цена.

– Не може да се реализира договореното во точка 6, односно да се договори преодна влада и СДСМ да се врати во Собранието ако Груевски не си оди. Ние не прифаќаме владата да ги организира следните избори. Не се тоа цврсти линии, ниту блокирање на наоѓањето излез. Ние немаме ништо против тоа ВМРО-ДПМНЕ да учествува во идната влада што ќе ги подготвува изборите, ние немаме проблем со ВМРО-ДПМНЕ, туку со Груевски и со тие околу него – вели Шилегов.

Додава дека СДСМ не се плаши од избори, но нема да дозволи актуелната власт да ги организира.