Ердоган пред средбата со Трамп предупредува дека САД не ја исполнуваат обврската во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган порача во четвртокот дека САД не ја исполнуваат својата обврска за потиснување на курдската милиција од пограничната област во Сирија, поради што ова прашање следната седмица ќе му го постави на американскиот претседател Доналд Трамп.

Турција на почетокот од октомври ја започна воената оперција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија чијашто првенствена цел е отфрлање на милицијата на сириските Курди, Единици за заштита на народот (YPG), кои беа сојузници на САД во порбата против џијадистичката организација Исламска држава. Меѓутоа, Анкара ги смета за фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) која повеќе од три децении војува со турската држава. Турција и САД постигнаа договор со кој курдските борци треба да се повлечат на 30-ина километри од турската граница.

„Оние кои ни ветуваа дека YPG… ќе се повлечат во рок од 120 часа не ја остварија таа цел“, рече Ердоган на прес-конференција.

Рокот е содржан во американско-турскиот договор од октомври и за неговото спроведување Ердоган планира да разговата со Трамп во Вашингтон на средбата на 13-ти ноември.

Турски функционери претходно за медиумите изјавуваа дека Ердоган би можел да ја откаже посетата на Вашингтон како протест против законот со кој Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го прогласи за геноцид масовното убивање на Ерменците во Османлиското царство во Првата светска војна.

Покрај со САД, Турција постигна договор и со Русија за повлекување на силите на сириските Курди на 30 километри од нејзината граница во североисточна Сирија. Во врска со тоа се изведуваат заеднички и посебни патроли на турската војска и руската воена полиција во покраината Идлиб по должина на линијата на раздвојувањето. Според одредбите од двата договора, Анкара се согласи да ја запре операцијата за да им даде време на курдските борци да се повлечат.

Борците на YPG сѐ уште се присутни во овој пограничен појас, повтори Ердоган во четвртокот и најави дека за тоа ќе разговара и со рускиот претседател Владимир Путин.

Тврдењата за неповлекувањето Ердоган ги изнесе и во вторникот велејќи дека тие „области не се испразнети од терористите“, како што Анкара ги нарекува YPG. И во вторникот рече дека Анкара ќе ги почитува договорите со двете сили сѐ додека Вашингтон и Москва се придржуваат до своите ветувања.

Доцна ноќта во средата командант на YPG рече дека курдската милициа протолжува да соработува со меѓународната коалиција која ја предводат САД во Сирија против Исламската држава.