Европските производители на автомобили сакаат полесен пристап до даночните олеснувања во САД

Соединетите држави би требало на европските производители на електрични возила да им овозможат пристап до широката палета даночни олеснувања, смета германското здружение VDA, барајќи од Европската унија да инсистира на нови отстапки од Вашингтон.

Американскиот Закон за сузбивање на инфалцијата предвидува даночни олеснувања за купувачите на електрични возила со батерии од домашните или од фабриките сместени во земјите со коишто САД имаат склучен договор за слободна трговија, главно во Америка.

Меѓутоа, главните економии во Европската унија се револтирани и стравуваат дека американските олеснувања ќе им наштетат на европските производители на автомобили кои своите погони би можеле да ги преселат во САД, па кон крајот на минатата година Вашингтон ги направи првите отстапки.

Така, Европската комисија кон крајот на декември објави дека САД потврдиле нови насоки, според коишто и компаниите од ЕУ ќе можат да добијат даночни олеснувања, и тоа за ткн „зелени“ комерцијални возила. На европските компании достапни им се и олеснувањата, на пример, за лизингот на електричните возила за американските граѓани, појаснија од Брисел.

Германските производители на автомобили, сепак, сметаат дека тоа не е доволно. Измените се добри, но се само првиот неопходен чекор, гледано од перспектива на автомобилската индустрија, порача Германското здружение на автомобилската индустрија (VDA).

„Новите насоки опфаќаат само дел од возилата на европските производители кои стасуваат на американскиот пазар, предупреди во вторникот за агенцијата DPA, претседателката на VDA, Хилдегард Милер, потсетувајќи дека лизингот на автомобилите не е особено популарен меѓу Американците.

Милер смета дека Европската комисија мора и натаму да инсистира на подобрување. Регулаторниот принцип кој го избраа САД е во спротивност со слободната трговија со стоки, заклучува челничката на VDA.