Герасимовски или Богдановиќ – кој е адутот на СДСМ за градоначалник на Центар?

Локалните избори наесен ги раздвижија партиите и општинските организации. Во полн ек се партиските анкети и внатрепартиски лобирања за кандидати за градоначалници. Како и на сите локални избори најмногу интерес предизвикуваат општините кои носат многу моќ и одговорност. Една од нив е општина Центар, општина во која СДСМ победи во изминативе два изборни циклуси, но каде и ВМРО-ДПМНЕ најавува жестока битка.

Информациите од високи партиски функционери на СДСМ велат дека внатрепартиската битка за избор на кандидат во централната скопска општина се води меѓу актуелниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и неговиот сопартиец и претседател на Општинската организација на СДСМ Центар, Горан Герасимовски.

Богдановиќ го завршува својот прв мандат, но и покрај желбата и амбициите за втор, тој носи тешко бреме по низата проблеми со урбанизмот, сечата на дрва, но и воопшто, слабата реализација на проекти. Реакциите и незадоволството на граѓаните за неуспешното спроведување на ветените мерки, особено во последните месеци од неговиот мандат не му одат во прилог на Богдановиќ кој изјави дека би сакал доверба за уште 4 години, со цел да го исполни ветеното и да ги заврши планираните проекти.

Од друга страна, неговиот противкандидат Горан Герасимовски ѝ е познат на јавноста како директор на Државниот завод за индустриска сопственост и долгогодишен партиски активист. Иако тој е релативно ново лице на политичка сцена, Герасимовски важи за многу почитуван член на партијата, чесен и работлив човек со долгогодишно искуство во приватниот сектор. Оние кои го поддржуваат велат дека Герасимовски ќе донесе свежина и подобар имиџ за општината и партијата, а во кулоарите се шпекулира дека има и поголема поддршка од Богдановиќ меѓу партиските членови.

Самопријавувањето на кандидатите за градоначалници во рамки на партијата завршува денеска, додека пријавувањето од страна на членството на партијата трае до понеделник, односно 5-ти јули, и според извори во партијата не се очекуваат изненадувања со други кандидати освен овие двајца.