Грчката влада нема намера да ја промени својата надворешна политика по митингот одржан во неделата во Атина во „одбрана на името“ Македонија, на кој властите беа обвинети за „предавство“ и „компромис“, пренесуваат медиумите повикувајќи се на владини извори.
Министерството за надворешни работи има намера кон средината на февруари да го претстави предлог-договорот за решавањето на деценискиот спор за името на Република Македонија.
„Надворешната политика не се води со митинзи. Планот на владата и натаму е на сила“, рекол неименуван член на владата на премиерот Алексис Ципрас.
„Македонија е грчка и само грчка“, извикуваше масата собрана на плоштадот Синтагма во Атина. Учесниците на собирот пристигна од цела Грција, многумина со автобуси организирани специјално за овој собир, извести државната телевизија ERT.
„Никогаш нема да ѝ дозволиме на друга земја да го носи името Македонија во која и да е форма“, изјави пред насобраните 92-годишниот грчки композитор Микис Теодоракис, обраќајќи има на истомислениците. Домот на Теодоракис, кој е композитор на државната химна а светската слава ја стекна со музиката за филмот „Гркот Зорба“, според атинските медиуми, претходната вечер бил нагрден со црвена боја.
Во центарот на Атина во неделата се одржаа два протеста, таканаречениот „патриотски митинг“ под паролата „Македонија е Грција“, и контрапротестот на анархистите. Грчката полиција го процени бројот на учесниците на протестот за името „Македонија“ поддржан од националистичките партии и здруженија, како и од Грчката православна црква, на 140.000 луѓе, се наведува на официјалната интернет страница на министерството. Претходно организаторите на протестот проценија дека во центарот на Атина се собрале милиони нивни приврзаници.
Минатиот викенд протест со идентични пораки и иконографија беше организиран и во Солун, на кој според организаторите, исто така, се собрале околу 100 илјади луѓе.
„Од 12 часот се одвива собир на плоштадот Синтагма со учество на околу 140 илјади граѓани. Околу Синтагма (во соседните улици) тие заземаат површина до 50 илјади квадратни метри“, се наведува во официјалното соопштение на грчката полиција.
Според полицијата, на митингот биле доведени учесници од другите краеви на земјата со 203 автобуси, кои биле паркирани на посебна локација одредена за тоа под полициско обезбедување.
Според полиција на „контрамитингот“ се собрале 400 лица, кои дошле од квартот Егзархија, којашто важи за „левичарски бастион“, познат по анархистичкото расположение на тамошното население.
Две низи полициски кордона ги разделуваа двата митинга. Вкупно во центарот на Атина за одржување на редот биле ангажирани 19.000 полицајци.
Напорите на атинската полиција главно беа насочени кон обидот да се спречи судир меѓу десничарските радикали и анархистите од двата спротиставени митинзи, пренесуваат медиумите. Десничарските радикали со цигли и парчиња калдрма, рачки од знамиња и шок бомби се обиделе да ги нападнат анархистите, при што полицијата употребила солзавец, се наведува во извештаите.