Груевски нема бугарски пасош, ниту поднел документи

Никола Груевски не е бугарски државјанин и никогаш не поднел документи за бугарско државјанство, соопшти бугарското Министерство за правда по информациите во унаргски медиуми дека Груевски со Унгарија избегал со бугарски пасош.

„Според податоците на МВР, на Груевски не му е издаден бугарски пасош“, велат од Министерството за правда.

Претходно во унгарски медиуми, односно во весникот „Непшава“ се појави информацијата дека Никола Груевски за бегство од Македонија веројатно користел бугарски пасош.

„Проверете кај бугарските власти“, е одговорот што го добил новинар на весникот од претставник на унгарските власти, одговорен за правните прашања поврзани со барањето на Груевски за политички азил во Унгарија, на прашањето „Како бившиот македонски премиер стигнал до центарот на Будимпешта, ако му се одземени патните исправи?“.