Италија повторно бара заеднички европски обврзници

PEPA/OLIVIER HOSLET

Италијанскиот премиер Џузепе Конте упати во петокот уште еден апел до Европската унија да воспостави програма за европски обврзници во рамките на настојувањата на земјите членки да пронајдат заеднички одговор за очекуваната рецесија и растот на невработеноста.

Премиерот Конте во колумната во дневниот весник La Repubblica ја повикува ЕУ на воведување „европски обврзници за закрепнување“, одговарајќи на писмото од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во коешто ден претходно во истиот весник на Италија ѝ вети дополнителна помош од Брисел.

Германија и Холандија се противат на креирањето заеднички инструмент за долгот, истакнувајќи дека со тоа би понеле одговорноста за долговите на другите земји. Италија и Шпанија, пак, ги предводат барањата за воведување ткн „коронаобврзница“, a поддршка им пружаат и десетина земји, меѓу кои и Франција.

Предложените помали инструменти претставуваат добар почеток, но закрепнувањето ќе бара многу поголеми средства, порачува Конте во најновиот апел. Со тоа алудира, меѓу другото, на предложената програма на ЕУ заеми во износ од 100 милијарди евра, од коишто би се подмирувале платите на работниците.

Економиите во земјите членки на ЕУ се меѓусебно силно поврзани и ќе мора да се инвестираат големи износи за да се отстранат најтешките економски штети предизвикани со пандемијата на коронавирусот.

Францускиот министер Бруно Ле Мер, пак, навести во четвртокот дека владите на земјите членки на ЕУ накоро би можеле да одобрат активирање на превентивните кредитни линии од фондот за помош на еврозоната, нови заеми од Европската инвестициска банка (EIB) и програмата на заеми кои ги предложи европката комисија. Германија ги поддржува овие три мерки, според Ле Мер, изразувајќи надеж дека министрите за финансии на членките на ЕУ ќе ги одобрат уште на состанокот на 7-ми април.

Од писмото на италијанскиот премиер Џузепе Конте, исто така, произлегува дека тоа можеби нема да биде доволно за земјите коишто се најтешко погодени од кризата која е последица од пандемијата на коронавирусот.