Италијанската Демократска партија (PD) исклучи еден од своите партиски членови превентивно поради корупцискиот скандал во Европскиот парламент, објави во петокот најголемата италијанска опозициска партија.
Андреа Козолино ќе биде исклучен од членството во партијата, како и од сите партиски тела во кои евентуално е вклучен. Одлуката ќе важи до завршување на истрагата за „скандалот Катаргејт“, велат од партијата и додаваат дека е донесена по партискиот состанок и стапува на сила веднаш.
Демократската партија истакнува дека со овој потег сака да го заштити својот имиџ и да му овозможи на 60-годишниот Козолино да ја подготви својата одбрана.
Козолино, кој потекнува од Неапол, е пратеник од PD во Европскиот парламент и член на пратеничката група на Социјалистите и демократите од кои е и неодамна сменетата потпретседателка на парламентот, Ева Каили, којашто, исто така, беше исклучена од нејзината матична партија ПАСОК која е во опозиција во Грција.
Каили беше уапсена изминатиот викенд во Брисел и е меѓу осомничените за корупција, а според непотврдените медиумски написи примала пари од Катар.
Во овој корупциски скандал кој ја потресува ЕУ, вклучен е асистентот на Конзолино кој во моментов е во притвор. Но Конзолино во изјавата во четвртокот порача дека е „длабоко огорчен“ од настаните. Истакна дека не е под истрага, не бил распрашуван, како и дека кај него не вршеле претреси и не му го пломбирале кабинетот.