
Во своето обраќање до нацијата Иванов потенцира дека целта на одлуката за помилување, односно на овој општ акт е зачувување на државните и националните интереси и оти ова го гледа како начин за излез од политичката криза.
Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последициите врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија, истакна Иванов.
Тој посочи дека одлуката што ја потпишал денеска, стапува во сила веднаш и оти стои зад неа.
Иванов: Амнестија за едно лице и прекин за кривичните постапки за политичарите

Одлуката амнестија се однесува само на едно лице кое е правосилно осудено, кај сите други се работи за аболиција. Кај најголемиот дел од случаите не се работи за амнестија, затоа што за голем дел од случаите е поднесена само кривична пријава, а не е почната истражна постапка.
Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза само кога некому му е само поднесена кривична пријава, а воопшто не е покрената истрага или обвинение или пак судски рочишта. Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истрага или обвинение. Помал дел се такви каде е отворена истрага или обвинение што исто така не значи дека се виновни. Само една од одлуките е амнестија за лице кое е правосилно осудено. Но со оглед на тоа што за сите други од тој случај се прекинува постапката, ценев дека е неправедно само тоа лице да отслужува казна, само затоа што за разлика од другите по тој предмет го признал делото и се спогодил со обвинителството за висината на казната, рече Иванов и јавно се извини на оние на кои, како што рече со оваа постапка ги навредил или направил да се чувствуваат непријатно.
Никој од опфатените страни не бил информиран за одлуката за амнестија и аболиција
Иванов во обраќањето потенцира дека никој од опфатените страни не бил информиран за неговата одлука за донесување на ваков општ акт што ќе подразбира амнестија за едно лице и прекинување на кривичните постапки против политичарите.

Во однос на оваа одлука се водев од неколку работи. Прво не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа туку се водев исклучиво од државниот и од националниот интерес. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи и многу мои политички противници, но не поаѓам од моите лични позиции туку од државните интереси. Второ од опфатените во овие одлуки не информирав или на било кој начин не најавив, или пак побарав согласност за ова моја постапка. Претпоставив дека ако го направам тоа или сите или најголем дел од нив, убедени во својата невиност и исправност ќе ме одбиеа и агонијата во земјата ќе продолжеше со години заедно со сите можни негативни последици. Како трето не навлегував во тоа дали некој е невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновсни за тоа што им е покрената кривична постапка иако неможев да го потврдам тоа без судска одлука, рече Иванов.
Кризата е нечиј туѓ интерес и за нечии туѓи цели
Иванов оцени дека кризата е нечиј туѓ интерес и за нечии туѓи цели, за некој кој сака да ја оствари својата цел преку завојуваните политички лидери и нивните поддржувачи.
Сето она што се случуваше во изминатиот период резултирарше со досега невидена политичка компромитираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување, бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа што работите отидоа толку лично и далеку. Си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства само да не бидат поразени на следните избори, зошто не знаат до каде оди другата стана во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата, рече Иванов во обраќањето.

Инаку, за одлуката на Иванов за помилување, односно за амнестија за едно лице и аболиција на политичарите од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за Нетпрес велат дека се изненадени и фрапирани од одлуката на претседателот. Повеќе за ова на следниот линк.