Јунајтед повторно втор на табелата

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед на својот „Олд Трафорд“ во саботата го совладаа Свонси со 2:0 и по нецели два часа се вратија на второто место во англиската Премиер лига на кое привремено претходно се искачи Ливерпул кој со пресврт оствари гостинска победа од 2:1 над Кристал Палас.

Стрелци за манчестерските „Црвени ѓаволи“ беа Ромелу Лукаку во 5 и Алексис Санчез во 20 минута во меч во кој во ниеден момент не се постави прашањето на конечниот победник.

Манчестер Јунајтед сега е втор со 68 бодови, 13 помалку од првопласираниот градски ривал Манчестер Сити кој има меч помалку, а два бода повеќе од третиот Ливерпул со натпревар повеќе. Свонси Сити, пак, е 15-ти со 31 бод, три повеќе од зоната за испаѓање од лигата.

Навивачите на Вест Хем пред домашниот дуела со Саутемптон организираа протестен марш против клупската управа. Тоа беше важен меч за двата клуба кога станува збор борбата за опстанок.

„Чеканите“ во претходните седум кола освоија само пет бодови, но во саботата го одиграа еден од своите најдобри натпревари оваа сезона и сите дилеми ги разрешија во првото полувреме. Резултатот во 13 минута го отвори Жоао Марио, а со два гола победата ја потврди Марко Арнаутовиќ, во 17 и четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме.

Вест Хем сега е на 14 место со 33 бодови, или пет повеќе од зоната на испаѓање, додека Саутемптон остана со 28 бодови на 18-то место кое води во понизок ранг на натпреварување.

Вотфорд ремизираше на домашен терен со Ворнмут 2:2. За домашните погодија Кико во 13 и Переира во 49 минута, додека бод на гостите им донесоа Кинг во 43 минута од пенал и Дефо во втората минута од судиското продолжение на дуелот. Вотфорд е 11-ти со 37 бодови, а Борнмут со исто толку бодови е место погоре на табелата.

Веќе отпишаниот Вест Бромвич Албион претрпе домашен пораз од Барнли со 1:2. Гостите имаа водство преку Барнс во 22 и Вудс во 73 минута, додека во 83 минута Рондон го ублажи поразот. ВБА е на самото дно од табелата со 20 бодови, десет помалку од местото кое гарантира опстанок. Барнли, пак, е едно од попријатните изненадувања оваа сезона соба 46 бодови на 7-то место.

Њукасл со голот на Ајозе Перез во 80 минута го совлада Хадерсфилд. Њукасл се оддалечи од зоната на испаѓање, на 12-то место со 35 бодови, а Хадерсфилд има четири бода помалку на 16 место.

Лестер во самиот финиш, преку Ибора во 83 и Џејсм Варди во шестата минута од продолжението забележа гостинска победа кај Брајтон, кој е на 13 место до 34 бодови. Лестер, пак, се искачи на 8 позиција со 43 бодови.

Претходно во саботата фудбалерите на Ливерпул го совладаа како гости Кристал Палас со 2:1. Домашните дојдоа во водство во 13 минута, кога српскиот интернационалец Лика Миливојевиќ реализираше најстрога казна за којашто виновник беше голманот на гостите Кариус. Ливерпул израни со голот на Мане во 49 минута по асистенцијата на Милнер, а трите бода ги освои благодарејќи на голот постигнат во 84 минута преку Египќанецот Мохамед Салах.

Вечерва играат уште Евертон го пречекува водечкиот Манчестер Сити.