
Време е за одмори. Време е кога секој од нас планира каде да оди на летен одмор. Период на тешки размислувања и одлуки каде да одиме или едноставно избегаме од секојдневните обврски и начин на живеење. Ова е периодот кога нашите работодавци (работодавците сами си земаат кога сакаат одмор) ни дозволуваат да земеме поголемо отсуство и едноставно заборавиме на нашите работни задачи.
Секој од нас е во тешка дилема во овој период со единственото прашање каде да одиме оваа година на одмор? Имаме ли доволно пари за нашиот одмор? Можеме ли да си дозволиме по можност подолг и поубав летен одмор? Дали да ризикуваме и земеме кредит за да ги исполнаме нашите дамнешни желби за посета на некоја експлицитна дестинација? А, оваа година и дополнителниот проблем, повторно предизвикан од здравствената пандемијата дали смееме воопшто да одиме на одмор и каде би било најбезбедно за нас? Или уште поголемата дилема, (ова не важи за оние што веќе беа на одмори, блазе си им на нив си ги искористија, посебно за оние кои беа во месеците Јуни и почетокот на месец Јули) дали воопшто ќе дочекаме да одиме ние останатите на „заслужен“ одмор!
За да го реализирате својот одмор или патување воопшто, потребни се две работи – време и пари. Обично кај секој од нас имаме време, ама немаме пари, некои пак имаат пари, ама немаат време (иако ова е се’ помалку во последно време). Некои пак немаат ниту пари ниту време, кај овие генерално и желбата за одмор пуста отсуствува. Барем по дефиниција за мене се ова двата најограничувачки фактори кај секој еден од нас. Сите ние имаме желби, можности, имаме идеи каде или што да посетиме, како да си поминеме или што да планираме.
Но, да се вратиме на темата.
Нашиот одмор во последните 30 години (можда и 50) како понуда и избор се сведува генерално на најблиските дестинации, или поточно нашето соседство, се подразбира тука предничи отсекогаш Грција (критериум за избор на оваа дестинација се: близината, брзиот пристап по автопат до морето и најефтиниот начин на одмор, т.н. „патлиџан туризам“), во последно време се’ повеќе Албанија (критериум за избор: брзиот пристап по новиот автопат, ефтините морски плодови!!!, инаку како ќе пробавме некогаш ние тоа нели, и она во моментов најважен критериум, слободен влез без никакви брзи, ПЦР тестови или вакцинација), Црна Гора се враќа се’ повеќе како можна дестинација (критериум за избор: ЈУГО – носталгија, познати локални дестинации, слободен влез во време на пандемија), секогаш за нас скапата Хрватска (критериум за избор: за нас интересна дестинација со преубави и познати плажи, ЈУГО-носталгија), Бугарија е на последното место (критериум за избор/неизбор: далечината и денешната националистичка политика на нивна сметка).
Изборот потоа се стеснува на оние дестинации за кои постои организирани чартер авионски летови од нашата држава, а тука се мисли пред се на Турција, Египет или некои од северните држави на афричкиот континент како Тунис, Алжир или Мароко (претпазливо овдека, пандемијата зема голем замав), дестинации кои не се многу скапи во делот на сместувањето и храната, но колку и да е поефтин превозот сепак за 4-члено семејство треба да се одвојат минимум 1.000 евра со се авионските такси.
На крај остануваат скапите и секогаш атрактивни дестинации како Малдивите, Сејшелите, Бора Бора и во последно време атрактивниот и ефтин може да се каже Занзибар или Дубаи. Овие дестинации се достапни за само 10% од македонското население.
И тоа е изборот кои го нудат најчесто, но и многу ретко нашите туристички агенции како организатори, претежно специјализирани за апартманско, (читај студио секогаш) кај нашиот јужен сосед, а многу ретко да не кажам и никаква понуда за домашното сместување.
А, што се случува со нашиот домашен туризам, кој еве и покрај сите препораки од пандемијата, се помалку одвоеното време, недостаток на финансии, затварањето на дестинациите од новиот бран на мутација на Делта сојот, никако да добие залет за повторно нормализирање. Освен порастот на домашните туристи кои мораат да останат во државата (цените се исти како во соседните држави!!!), никако да се вратиме на патеките за потикнување на странските туристи. Чартер летовите од Холандија се лимитирани, туроператорот Корендон кој најмногу носеше туристи од оваа држава со кризата се ориентираше само на основната нивна функција, авионскиот превоз. ТУИ нешто најавува, но да видиме колку ќе може да исполни. Полските туристи, по задолжителниот карантин од 10 дена при враќање во нивната држава, не верувам дека ќе се осудат баш за Македонија да ја изберат како дестинација. Долго најавуваниот лет од Украина никако да полета. Турците се бројат на прсти како посетители на кружни тури. Остана само летот од Русија, но од икс познати причини ние не се осудуваме да работиме со нив никако, НАТО партнерите ќе ни се скараат безвезе.
Поразителен е и фактот дека по нашите патишта, а и според статистичката евиденција, таква каква што е, за три пати е намалено движењето на транзит патниците низ нашата држава. Ако некогаш имавме по 4.000.000, со текст 4 милионииии, денеска нешто повеќе од 1.000.000 патници кои гравитираат низ нашите патишта. Турските патници веќе одамна не одминуваат и бегаат низ соседна Бугарија. Ако се прашате зашто, сетете се само на долгите километарски колони на патарините, само ние сме сеуште со 6 патарини на 160 км автопат, невидено нешто. Српските патници од немај каде сеуште се движат по нашите патишта, но правец јужниот сосед за кој ние ги субвенционираме од домашниот буџет замислете!!! Дури се повеќе и повеќе српските туристи се слеваат на море во Албанија. Патниците од Романија и Унгарија веќе одамна не доаѓаат накај нас или пак јужниот сосед, кога сега имаат повластени цени за Хрватска и Црна Гора. Европските некогашни кампер туристи веќе и да заборавија дека кај нас „конечно“ се направија нови модерни автопатишта, но сега за жал немаме ама баш „никакви“ автокампови. Тоа е оскудната понуда за „дестинација Македонија“, затоа овде ќе го цитирам скечот со Македонецот од некогаш популарните К-15, „епа паси Македонче“, тоа ти е изборот за жал!
Почитувани мои читатели и читателки, на крај можам само да ви посакам добро да размислите каде ќе одите на одмор во овие што ни преостанаа летни денови, изборот секогаш сведувајте го на вас самите и вашите можности и добро чувајте си го здравјето пред се’. Одморете се добро и наполнете ги повторно батериите, оти по сите најави од есен, а јас мислам и многу брзо повторно ќе следува нов (кој беше по ред веќе не памтам) бран и повторно затварање на границите за патување, или уште понелиберална поделба на оние вакцинираните и невакцинираните, оти бизнисот е пред се’ и над се’.
ПС. Вашиот колумнист исто така ќе земе одмор од пишување, а и вие ќе се одморите од него (некои можда и повеќе нели ;)). Се читаме за месец дена и ќе си раскажеме како ги поминавме одморите. До тогаш убав одмор имајте си и чувајте се.
Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес