Каталонските градови ги отстрануваат шпанските знамиња, шпанското обвинителство најавува тужби за бунт

Градовите ширум Каталонија почнаа во петокот вечерта да ги отстрануваат шпанските знамиња со своите совети, а десетици илјади луѓе пред зградите на каталонската влада во Барселона ја слават независноста изгласана во парламентот, додека државното обвинителство најавува тужба против каталонскиот претседател Карлес Пучдемонт поради подбуцнување на бунт.

Гирона, градот чијшто градоначалник од 2011 до 2016 година беше каталонски челник на владата на Каталонија, Карлес Пучдемонт, меѓу првите го отстрани знамето на државата од којашто сака да се одвои, а тоа истото го направи градот Сабадел, недалеку од Барселона.

„Градскиот совет на Сабадел ги тргнува шпанското и европското знаме. Добредојде републико!“, објави на Twitter локалната група Крида пер Сабадел. Во градот Вико, градоначалникот Исаак Пераир, исто така, го развеа каталонското знаме кое ја симболизира независноста.

„Го истакнавме каталонското знаме, и се заколнавме дека ќе ја браниме Република Каталонија, каква што ја заслужувате“, напиша на Twitter. Во Барселона одекнува музика, се виорат стотици знамиња, а насобраниот народ танцува и ја слави републиката. Засега нема инциденти.

Каталонскиот парламент во петокот попладнето изгласа прогласување на независност од Шпанија откако 70 од 135 пратеници ја поддржаа иницијативата на владејачката коалиција „Заедно за Да“ и нејзината сојузничка партија левичарската Кандидатура на народното единство (CUP).

Во меѓувреме шпанското државно обвинителство објави дека следната седмица ќе ја започне правната постапка против каталонскиот претседател Карлес Пучдемонт поради унт, отккао каталонскиот парламент прогласи независност.

„Државното обвинителство следната седмица ќе подигне тужба против Карлес Пучдемон поради бунт“, за што е предвидена затворска казна до 30 години, изјави неименуваниот портпарол на шпанското државно обвинителство за AFP. Таа постапка би можела „можеби да се прошири на остатокот од каталонската влада и на кабинетот на претседателот“ на каталонскиот парламент“, додал порптаролот.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој во петокот вечерта ќе ги претстави вонредните мерки за Каталонија, откако ќе заврши состанокот на кабинетот на министрите во Мадрид. Шпанскиот парламент го одобри применувањето на членот 155 од уставот, којшто овозможува шпанската влада да ја отстрани каталонската влада и распишување на предвремени парламентарни избори во оваа североисточна покраина.