Официјален Пекинг во петокот ги предупреди Словачка и Чешка, во пресрет на посетата на тајванскиот министер за надворешни работи на двете држави, дека никој не требало да има илузии во поглед на „неопходните мерки“ коишто Кина ќе ги презема во одбрана на својот суверенитет.
Кина, којашто Тајван го смета за своја одметната покраина и зачестено повторува дека настојува на мирно нејзино присоединување на матицата, остро реагира секогаш кога тајвански функционери одат во официјални посети на други земји, оценувајќи го тоа како прикриена поддршка на целите на тајванските власти да станат меѓународно призната држава.
Тајванскиот министер за надворешни работи Џозеф Ву следната седмица треба да ги посети Словачка и Чешка. Ву прво ќе учествува на форум во Словачка во организација на локален тинк-тенк, а потоа ќе отпатува во Прага за да се сретне со челникот на горниот дом на чешкиот парламент Милош Вистрицил и со прашкиот градоначалник Зденек Хриба.
Портпролот на кинеското министерство за надворешни работи Ванг Венбин изјави дека внимателно ќе биде следена посетата на Ву. Запрашан дали Кина ќе преземе чекори против Чешка и Словечка, рече дека Пекинг „ќе преземе соодветени и потребни мерки за цвртста одбрана на националниот суверенитет и теротиријалниот интегритет“ и додаде дека „никој не би требало да има илузии за тоа“.
Кина веќе е во спор со Литванија откако таа со Тајван договори отворање дефакто амбасади во престолнините на двете земји. Кина, како и во случајот на Македонија во 1999 година, го повлече својот амбасадор од Литванија, која го стори истиот дипломатски потег.
Тајван, кој инаку нуди големи финансиски поддршки за земјите кои ќе отворат дипломатски мисии, нема диплотматски мисии со ниедна европска земја освен со Ватикан. Поради противењето на Кина, многу земји не сакаат да бидат домаќини на високи тајвански функционери, иако Ву веќе во 2019 година ја посети Данска, за да одржи говор на форум за демократија во Копенхаген.
Кина во последниот перидот го засили својот воен и дипломатски притисок врз Тајван во настојувањата да ја принуди власта во Тајпеј да го признае кинескиот суверенитет. Тајван, поддржан главно од САД, инсистира незавинса земја со право на меѓународно третирање и дека вооружено ќе се брани од Кина доколку биде нападнат, а во четвртокот доби и поддршка во тоа од американскиот претседател Џо Бајден.
Официјалните односи меѓу централната влада во Пекинг и властите во Тајпеј се прекинати во 1949 година, кога силите на Куомитангот, предводени од генералот Чанг Кај-шек, поразени во граѓанската војна со Кинеската комунистичка партија, се префрлија на островот Тајван. До 1971 година, кинеското место во ОН го заземаше Република Кина (Тајван), а до денес ја признаваат само 14 членки на ОН, како и Ватикан, како најзначаен меѓународен субјект кој одржува службени дипломатски односи со Тајван. Државите не може да имаат официјални односи истовремено со Кина и со Тајван, како што беше случајот со Македонија кон крајот на 1990-те и почетокот на 2000-те години.
Пекинг ги критикува односите на другите земји со Тајван, кој го гледа како своја покраина. Кинеските власти редовно протестираат и бараат од Вашингтон цврсто придржување на политиката на „една Кина“, а Тајван го сметаат за своја одментната покраина. Кинеските власти постојано остро ги критикуваат американските планови за вооружување на тајванската армија.
Деловните и неформалните контакти меѓу Тајван и континентална Кина беа обновени кон крајот на 1980-те години. Од почетокот на 1990-те години, пак, двете страни почнаа да комуницираат преку невладини органиации: пекиншката Асоцијација за развој на односите преку Тајванскиот теснец и Фондацијата за размена преку теснецот во Тајпеј. Пекинг, меѓутоа, не се откажува од обединувањето на Тајван со Кина, при што не ја исклучува ниту употребата на сила.