сад кинаКинеските власти остро ги критикуваа изјавите на американскиот претседател Џо Бајден во врска со Тајван, а Пекинг веќе му испрати на Вашингтон жесток одговор, изјавија во понеделникот од кинеското Министерство за надворешни работи предупредувајќи да не им се испраќаат „лажни сигнали“ на сепаратистите.
„Изјавите на американската страна грубо го кршат принципот на ‘Една Кина’ и одредбите од трите заеднички коминикеа меѓу Кина и САД, сериозно ја нарушуваат важната обврска на САД да не ја поддржуваат независноста на Тајван и испраќаат лажен сигнал до сепаратистичките сили за независност на островот“, изјави на редовниот брифинг во Пекинг, портпаролката Мао Нинг.
Претходно Бајден во интервју за американската телевизиска мрежа CBS News изјави дека САД ќе го бранат Тајван доколку Пекинг се обиде да започне воен конфликт во регионот „ако дојде до напад без преседан“. Притоа истакна дека Вашингтон не ги охрабрува аспирациите на Тајван за независност од Кина, и покрај тесната соработка со островот.
По снимањето на интервјуто, од CBS побарале од Белата куќа да ја коментираат изјавата на Бајден. Портпарол на администрацијата на американскиот претседател одговорил дека политиката на Вашингтон кон Тајван не е променета.
Минатата седмица телевизијата CNN, повикувајќи се на заменикот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Дејвид Коен, објави дека кинескиот претседател Кси Џинпинг наводно му дал инструкциите на воениот врв да разработи стратегија за воспоставување воена контрола над Тајван до 2027 година.
Ситуацијата околу Тајван ескалираше во август откако Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, го посети Тајпеј. Како одговор, Пекинг започна големи воени вежби во близина на брегот на островот, воведе санкции за две тајвански фондации, самата Пелоси и нејзините роднини и презеде други мерки. Кинеското Министерство за надворешни работи одговорноста за сите негативни последици ја префрли на Вашингтон и Тајпеј. Кина не го признава суверенитетот на Тајван, го смета за своја провинција и категорично се противи на нејзините контакти со официјални лица и војска од други земји.