![kucinja](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/05/kucinja.jpg?resize=282%2C179&ssl=1)
Агенцијата за храна и ветеринарство во тек на месецов ќе спроведе акција за проценка на популацијата на кучињата скитници на територијата на Скопје.
Акцијата ќе ја спроведат 6 волонтери, распоредени во 3 тимови.
Освен за бројната состојба за популацијата бездомни кучиња во главниот град, со пребројувањето АХВ најавува дека ќе се соберат и податоци за полот на кучињата, за тоа дали се работи за куче скитник или за куче кое има сопственик, но има пристап до улица и јавна површина. Ќе се евидентираат и податоците дали станува збор за куче кое веќе е заловено од надлежното прифатилиште односно дали е соодветно видливо обележано, а со тоа и дека е стерилизирано и вакцинирано. Волонтерите ќе вршат и проценка на телесната кондиција на кучињата, а ќе се забележува дали животните имаат повреди на екстремитетите или на кожата.
Последна проценка на популацијата на кучиња скитници на територијата на Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство изврши во 2010 година, а спроведено е и истражување на јавното мислење во однос на домашните миленици и кучињата скитници. По завршување на активностите за спроведување на второто пребројување на бездомните кучиња во Скопје, Агенцијата ќе направи и компаративна анализа во однос на податоците од спроведената проценка во 2010 година. Освен во Скопје, проценка на популацијата кучиња скитници и истражување на јавното мислење, Агенцијата за храна и ветеринарство има спроведено и во Тетово, Гостивар и Неготино.