Комби во кое се превезувале мигранти денеска напладне направи сообраќајна несреќа среде Струмица. Комбито со кочански регистарски таблици со голема брзина поминало низ една од најфреквентните улици во градот, најверојатно криејќи се од полицијата, но притоа удрил во три паркирани возила на улицата Младинска. Очевидци се вознемирани од глетката, велат дека најголемиот број од мигрантите се разбегале низ споредните улици.
Засега не е познат точниот број на мигранти коиошто се превезувале со комбито. Возачот е приведен, а полицијата е на терен и прави увид на местото на несреќата.
Синоќа, пак, дваесетина минути пред полноќ, полицајци од Регионалниот центар за гранични работи и миграција – Југ запреле возило „Даф“ во кое се откриени 211 мигранти од Бангладеш и Пакистан.
Возачот на возилото, 27 годишен скопјанец е приведен, а мигрантите се префрлени во Прифатниот центар „Винојуг“. Министерството за внатрешни работи неодамна потврди дека со затоплувањето и олабавувањето на мерките за заштита КОВИД 19 се зголемуваат обидите за илегално преминување на македонско – грчката граница, но засега ситуацијата ја оценуваат како стабилна.
фото: telma.com.mk