Корбин се извини за историскиот пораз на лабуристите

Челникот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, се извини во неделата поради тешкиот пораз на својата партија на предвремените парламентарни избори на 12-ти декември што го претрпеа од Конзервативната партија на Борис Џонсон, најголем од 1935 година, но тоа не ги ублажи критиките меѓу самите лабуристи кои сега се прашуваат како натаму.

На поранешниот левичарски синдикален активист, кој од 2015 година е на чело на Лабуристичката партија, му беше упатен повик по ваквиот крај да отстапи од лидерската позиција, што на Џереми Корбин му се забележува за премногу лева ориентација, неспособноста да се справи со антисемитизмот кај некои членови од партијата и нејасности поврзани со пресудната тема за напушањето на Обединетото Кралство на Европската унија, што одбило голем број гласачи.

Откако најави дека на следните избори нема да ја води партијата, Корбин засега останува на претседателската должност во партијата, за што е исто така остро критикуван. „Жалам што не бевме на висина на задачата, лично ја преземам одговорноноста за тоа“, вели во отвореното писмо објавено во весникот The Sunday Mirror.

Лабуристите не биле полошо поразени од 1935 година, со 203 мандати во 650-члениот Претставнички дом, а во минатиот состав имаа 262 пратеници. Големата победа на „ториевците“, на премиерот Борис Џонсон му го донесе потребното мнозинство за спрведување на брегзитот до 31-ви јануари.

Корбин истакнува дека неговата партија ќе извлече „поука од овој пораз“, ветувајќи дека „подобро ќе ги слуша традиционалните избирачи на Лабуристичката партија коишто ги загубивме во работничките општини“.

Неговиот изразено левичарски став ги заплаши финансиските кругови, кои во него видоа опасен марксист, што е равенство за економски хаос. „Погледајте што се случува кога една партија оди толку в лево“, предупреди поранешниот американски потпретседател Џо Бајден. Тој е еден од фаворитите да ја добие претседателската номинација на Демократската партија на САД за изборите во ноември 2020 година, а едни од најголемите ривали му се ткн ткн прогресивни ривали Елизабет Ворен и Берни Сандерс, кои се дожувуваат како социјалисти.

Џереми Корбин ветува дека ќе си замине на почетокот од наредната година, по периодот на „преиспитување“ во партијата. Неговиот историски пораз ги става лабуристите пред избори: да се остане на неговата изразено лева линија или да се вратат кон социјалдемократијата од времето на Тони Блер.