Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против струмичаните 34-годишниот Л.К и 20-годишниот Д.Р (20) поради постоење сомнение дека сториле кривично дело – насилство.
Против првопријавениот ЛК е поднесена и кривична пријава за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Како што информираат од СВР Струмица, ноќта на 29.12.2019 година, додека оштетената била на работа како пејач со музичка група во угостителски објект во село Сарај, во 04:50 часот, во угостителскиот објект влегле пријавените заедно со други лица и седнале на поголема маса. Првопријавениот веднаш ја повикал келнерката обраќајќи и се со зборовите – „веднаш да ми ја нацрташ музиката на масата“, и побарал да бидат услужени со пијалок. Вработената ги послужила со пијалок, но поради страв не ги известила дека музиката веќе завршила со работа.
Во еден момент второпријавениот почнал оштетената да ја допира по телото без нејзина согласнот упатувајќи и навредливи и вулгарни зборови, а потоа од страна на првопријавениот повеќе пати била физички нападната, навредувана и и биле нанесени телесни повреди, информираат од СВР Струмица.
Веднаш по пријавување на настанот, полициски службеници презеле мерки за целосно расчистување и документирање на настанот. Кај оштетената по извршен преглед во Службата за итна медицинска помош биле констатирани телесни повреди, по што била упатена на понатамошни прегледи во Општа Болница Струмица.
Првопријавениот поради основано сомнение дека е извршител на кривично дело – насилство лишен е од слобода и задржан во просториите на СВР Струмица.
Врз основа на судска наредба од Основен суд Струмица, вчера е извршен претрес во домот и просториите на првопријавениот, каде се пронајдени осум куршуми калибар 9 мм. По целосно расчистување и документирање на настанот од страна на СВР Струмица изготвена е кривична пријава и доставена во ОЈО Струмица.
Судија на претходна постапка од Основен суд Струмица на првопријавениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Првопријавениот повеќе пати е пријавуван во СВР-Струмица за извршени кривични дела од областа на насилниот криминал во изминатите години, а за дел од извршените кривични дела и правосилно осудуван. Тој во повеќе наврати е пријавуван за нарушувања на јавниот ред и мир, како кривични дела што се гонат по приватна тужба, велат од СВР Струмица.