Лекар „фантом“ две недели ѝ давал инфузии на пациентка – починала неколку часа по приемот во Ковид центар

Скопјанка починала во Ковид-центар откако претходно лекар „фантом“ две недели ја лекувал со терапија за која никаде не постои медицинска историја ниту белешка, објави „Слободен печат“ повикувајќи се на извори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Случајот го пријавил здравствен работник во ковид центарот. Блиски роднини на пациентката рекле дека таа била лекувана во домашни услови со инфузии и ги навеле точните имиња на лековите кои ги примала. Сето тоа било запишано од здравствениот работник кој ја примил пациентката во ковид центарот. Таа починала само неколку часа по приемот.

– Според сите законски прописи, испектори од ДСЗИ веднаш по преставката на здравствениот работник излегоа на терен и утврдија дека матичниот лекар на пациентката и препишал само таблетарна антибиотска терапија, пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој, на сега веќе починатата и давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај. Од тие причини, ДСЗИ случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи, посочуваат од Инспекторатот за „Слободен печат“.