![liz tras](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/03/liz-tras.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Британската премиерка Лиз Трас ќе учествува на првиот самите на Европската политичка заедница следната седмица во Чешка, објави Politico.
Лондон ги известил европските партнери дека Трас не е само расположена да присуствува на собирот во Прага, туку и дека сака да биде домаќин на следниот самит во Лондон, пренесе во четвртокот Politico повикувајќи се на двајца неименувани функционери.
Од кабинетот на британската премиерка не сакале за Reuters да ја коментираат таквата информација.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна ја предложи идејата за воспоставување Европска политичка заедница, како што објасни, во настојувањата да се спротистави на растечките руско и кинеско влијание на Балканот и во источна Европа.
Идејата, исто така, е да се обезбеди земјите како Велика Британија, Норвешка и Швајцарија да имаат политичка платформа за соработка со Европската унија, како и работа на заеднички проекти како што се имиграциите и енергетиката.
Состанокот на земјите кои треба да влезат во заедницата во чешката престолнина следната седмица, ќе биде фокусиран на украинскиот конфликт и енергетската безбедност, извести Politico.
Некои земји веќе изразија скептичност, стравувајќи дека новиот форум ќе биде начин земјите кандидати за членство во Европската унија да се задржат надвор од Унијата, а Брисел да го одржува влијанието и притисокот врз нив. Други, пак, ја критикуваа новата платформа за разговори којашто нема јасна цел.