Манчевски: Не брзаме со одлуката за предвремени парламентарни избори

Не постои судир во СДСМ  околу претседателските избори и барањето на опозицијата за предвремени парламентарни, тврдеше во вторникот вечерта министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски, во отвореното „Студио 1“  на 1ТВ, и додаде дека во владејачката партија не брзаат со одлуката за предвреемните парламентарни избори и оти се водат консултации со сите чинители.

„Цело време јавно зборувавме дека сакаме да истераме еден чист мандат без предвремени избори. Но за да не бидеме и како претходната власт, којашто не ги слушаше барањата и аргументите на опозицијата, особено во вакви моменти кога се случија уставните измени и кога сме на прагот на влез во НАТО и во ЕУ, вреди да се анализираат сите аспекти зошто е можеби подобро да бидат заедно со претседателските, секако веќе ќе имаме избори. Не брзаме во носењето на одлуката и нема географска поделеност. Има луѓе коишто сметаат дека треба и некои коишто сметаат дека не треба, но партијата не е оптоварена толку со тоа прашање. Ние ги гледаме пред сѐ партиските и анкети и сондажи и сме цврсто убедени дека на следните избори, какви и да се, ние ќе победиме“, рече Манчевски.

Според него, друго прашање се мотивите на опозицијата да бара избори кога анкетите покажуваат дека немаат шанса да ги добијат. Според него, целта на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и раководството на партијата е да се позиционираат во Собранието, да ги сменат актуелните пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да се претстават како единствена опозиција.

„Ако сме одговорна власт, а се надевам дека сме, треба да ги земеме пред вид сите општествени чинители. Затоа не брзаме со одлуката. Ќе имаме Централен одбор најверојатно во петок, не е нужно и тогаш да се донесе одлуката, може да се пролонгира и уште некој ден, имаме време за тоа, но ги слушаме што велат и стопанските комори, коалициските партнери и граѓаните“, нагласи Манчевски.

Додаде дека тој е еден од оние коишто мислат дека е добро сега да има и предвремени парламентарни избори, но не и дека тоа е најважното прашање. Според Манчевски, важно е што мислат граѓаните и дали евентуалните предвремени парламентарни избори можат да доведат до закочување на темпото, пред сѐ, во економијата.