Меј ги повика ториевците на преговори за брегзит

Британската премиерка Тереза Меј ја повика својата конзервативна партија во средата на затворањето на годишниот конгрес на Ториевците во Бирмингем на единство во преговорите за истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, кои влегуваат во „најтешката фаза“, пренесуваат медиумите.

„Влегуваме во најтешката фаза од преговорите…. Но доколку останеме обединети и го задржиме мирот, знам дека можеме да постигнеме договор кој ќе биде задоволувачки за Велика Британија…. Дури и доколку не се согласуваме околу секој дел од предлогот, мораме да се држиме заедно“, изјавила британската премиерка Тереза Меј којашто на бината танцувала по звуците на хитот „Dancing Queen“ на легендарната шведска поп група ABBA за што добила овации.

Меј го бранела својот план за брегзитот и рекла дека е убедена оти може да постигне спогодба со ЕУ, но кажала и дека Британија може да излезе од Унијата и без договор. Истакнувајќи дека нема да има втор референдум, изјавила дека е важно да не оди „секој во својата насока“, бидејќи на тој начин на крајот воопшто нема да има брегзит.

„Доколку секој оди во својат правец во барањето на визијата на совршениот брегзит, ризикуваме да завршиме целосно брез брегзит. Британија не се плаши да замине без договор, доколку мораме… Но мораме да бидеме чесни околу тоа. Напуштањето без договор, воведувањето на царините и скапите гранични контроли, би биле лош резултат за Велика Британија и за ЕУ“, рече Меј.

Премиерката порача дека носи одлуки за брегзитот во полза на националниот интерес.

„Не зачудува што имавме широк дијапазон на различни ставови изнесени оваа седмица… Но мојата работа како премиерка е да го сторам она што верувам дека е во национален интерес. А тоа значи две работи. Прво да се почитуваат резултатите од референдумот и, второ, да се постигнат добри трговски и бебедносни односи со нашите соседи откако ќе заминеме“, рече Меј.

Британската премиерка истакна дека европските челници не покажачле доволно почитување кон нејзините предлози за брегизитот, но призна дека тие за Брисел се „предизвикувачки“. „Јас кон ЕУ се однесував исклучително со почитување, Велика Британија го очекува истото“, рече во говорот.

На затворањето на годишниот партиски конгрес во Бирмингем, Меј ги повика конзервативцците да ги привлечат гласачите на опозициските лабуристи, незадоволни од левиот челник Џереми Корбин.