Денес (21 јануари 2021 година) во рамките на својата дипломатска активност претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во Загреб остварија средба со пратеничката во Хрватското собрание Маријана Петир, поранешна пратеничка во ЕП, основач на групата Пријатели на Македонија во Европскиот Парламент.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се заблагодари на Петир за сиот нејзин труд, залагање и посветеност во промоција на интересите на Македонија и граѓаните на нашата земја.
-Народот е посебно благодарен за отворената поддршка која ја добиваме од Хрватска, но и од Петир како долгогодишен промотор на нашите стратешки интереси, истакна Мицкоски.
На средбата стана збор и за актуелните предизвици на земјава на патот кон Европската Унија, спорот со Бугарија, како и економската и здравствена криза.
Мицкоски истакна дека Владата во Македонија не смее да преговара за идентитетските прашања кои се наследен и траен белег на нашата земја и народ.
-Спорот со Бугарија е последица на нестабилната, сервилна политика на Заев кој не водејќи сметка за државните интереси во преден план ги става личните интереси. Владата покажа дека не умее да затвара прашања во полза на земјата, туку отвора проблеми и спорови кои ја одведоа земјава во ќорсокак, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека сиромаштијата и корупцијата се едни од најзначајните проблеми на земјава, како и тоа дека ВМРО ДПМНЕ нуди перспектива, извесност и промена на политичкото мочуриште составено од политичарите од транзицијата.
-Македонија мора да се придвижи на патот кон ЕУ при што е важна и добредојдена поддршката од пријателите како што е Хрватска, истакна Мицкоски.
Во текот на денот Мицкоски и Николоски ќе остварат средба со премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.