Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната теренска средба со граѓаните во Босилово истакна дека примарна цел е како од реалните проблеми да се извлечи поука и истата да се инкорпорираат во новата програма која се подготвува, а истото тоа да се презентира и пред граѓаните на Република Македонија.
Од една страна е лесно да седне некој со комисиите и со луѓето бирократски во канцеларија и да составите програма која што понатаму ќе треба да ја претставите пред јавноста и да ја преточите како ваша предизборна програма, која што може нема да даде соодветен одговор на проблемите на граѓаните, а друго е доколку овие два сегмента, информацијата од терен и вашата програма ги соедините и тогаш сето тоа им го претставите на граѓаните како ваша изборна програма, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека како човек секогаш е практичар и дека теоријата и праксата се различни, но според него како што рече доколку овие две нешта се спојат тогаш успехот е загарантиран.
Мотивирани од тоа, тргнавме по Македонија, јас како нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со координаторите од Извршниот Комитет и потсекретарите да можеме да ја презентираме нашата визија за Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, за периодот кој што следува, период кој што ќе изобилува со многу предизвици од секаков карактер, државнички, политички и економски, за кој што за жал ќе мора да понудиме соодветни решенија бидејќи ова што и се случи сега на Македонија се граничи со лудило и терор, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски рече дека во изминатите 10 месеци не може да се сети на еден проект кој е реализиран од владата на СДСМ, а е добра за граѓаните. Тој додаде дека лошата економска политика е само еден показател дека оваа влада не работи ништо добро за граѓаните на Република Македонија.
Македонија е убедливо закована на дното во Европа. Имаме цунами во економијата, поттикнато од Заев и Тевдовски. Единствена држава сме во Европа која што има нула раст на Бруто домашниот производ, индустриското производство ни е намалено за 4 проценти, странските директни инвестиции ни се намалени, намалија буџет за околу 150 милиони евра иако наследија полн буџет, кажа Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, рече дека загрижува ревизијата на евентуалниот раст на БДП за 2018 каде што 3,2 проценти претпоставен од владата, а врз основа на кои се темели буџетот го намалиле на 2,7 проценти, што значи дека повторно има промашување за половина процент.
Мицкоски сподели и еден момент со граѓаните кога разговарал со еден бизнисмен кој главно се занимавал со градежништво и каде што истиот се пожалил дека со доаѓање на СДСМ на власт се намалила реализација на капитални инвестиции.
Беше еден бизнисмен кој што генерално се занимава со градежништвото и вели: порано претседателе во декември до февруари месец сме учествувале во просек во изминатите 5 години преку 2000 тендери. Сега знаете ли во колку учествуваме? Му велам не знам, а тој ми одговори во вкупно 7, објасни Мицкоски.