Премеирот Зоран Заев со своите ветувања ги подгрева апетитите на соседните држави, а не е способен да испорача резултати. Државата треба да ја води експертска или влада за национален спас, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за веб-страницата на Дојче Веле на македонски јазик.
На вчерашниот состанок на европските министри за надворешни работи, се наведува во воведот на интервјуто кое подолу интегрално го пренесуваме, Софија остана на претходниот став: поради нерешени билатерални прашања со Скопје одби да даде согласност за одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската унија. И покрај бројните меѓународни реакции за ваквиот потег на Бугарија, минимални се очекувањата дека е можен некаков пресврт на утрешниот состанок на шефовите на држави или влади, се констарира во прилогот на Дојче Веле.
Причината за неуспехот и за неможноста на Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, лидерот на најголемата домашна опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја гледа во премиерот Заев. Запрашан, како тој го гледа излезот од ваквата ситуација, Мицкоски смета дека предуслов за можен напредок е преземање одговорност за неуспехот, односно оставка на премиерот.
„Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето, кое не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и на неговата меѓународна политика. Причината за неуспесите е криминалот, немањето на реформи и економскиот пустош, се’ друго е само правдање на неуспехот на Владата. По четири години лаги, денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина, а испорача рецесија, вето и тргување со идентитетот. Неговата политика на ‘all in’ создаде огромни штети и денес се говори за она што треба да биде најсилен наш темел – идентитетот. После толку неуспеси имаме премиер на држава, кој нема кредибилитет да управува со Влада и да води преговори со Бугарија. Едноставно, не може да имаме толку неуспеси, а да нема одговорност за ништо и кај никого. Затоа главната кочница за разговорите со Бугарија станува токму Заев, кој со своите ветувања ги подгрева апетитите на соседните држави, а не е способен да испорача резултати. Сметам дека вистинското решение во овој момент е оставка на Заев, државата да ја води експертска влада или влада за национален спас, и во моментот кога ќе се создадат услови да имаме избори. Секое друго членување во организација како Европската економска зона е добро и треба да се случи, но членството во Унијата нема алтернатива, исто како и потребата да се заштитат нашите идентитетски обележја на тој пат. Сметам дека ако се води принципиелна политика каде јасно ќе се определи што се може што не, и да имаме премиер без концесии, можен е напредок“, вели Мицкоски.
Лидерска средба
Опозицијата во изминатиот период бараше одржување на лидерска средба, на која ќе се забетонираат позициите за заштита на македонскиот јазик и идентитет, а кои ќе бидат потврдени со резолуција на Собранието. Тоа не беше прифатено во екот на разговорите со источниот сосед. Пред неколку дена, во интервју на „Канал 77“, премиерот Заев најави дека ќе свика лидерска средба.
„Веднаш штом ќе заврши ова поглавје на разговори, успешно или неуспешно, јас ќе свикам лидерска средба. Никаде во Европа не се прават лидерски средби во ек на разговори“, изјави Заев.
И покрај неуспехот, Мицкоски смета дека е одговорно Заев да свика лидерска средба.
„Моето барање на почетокот беше да имаме лидерска средба, на која меѓудругото ќе се разговара за градење на единствена позиција во однос на преговорите со Бугарија. И тоа го барав за да ги засилиме нашите позиции, и соседите да видат дека сме единствени по тоа прашање. Заев одби лидерска средба, затоа што самиот изјави дека помило му било да преговара за придавката македонски, отколку со мене да се договориме за единствен став. Зад сета оваа негова политика гледам концесии поврзани со бизнис интереси и кога сте се извалкале, тогаш е многу тешко, односно невозможно да излезете чист од сето ова. Сметам дека и покрај неуспехот, одговорно е Заев да свика лидерска средба за да ги разгледаме позициите и за сето она што нам ни претои како држава“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Повик за обединување
Мицкоски вчера имаше и видео-обраќање до јавноста, во кое уште еднаш порача дека „Македонија ќе престане да губи, само кога ќе биде поразен Зоран Заев”, и повика на обединување за таа цел.
„Важно е во овој момент да застанеме на патот на неправдата, затоа ни е потребно обединување, да престане трговијата со идентитетот, да престане трговијата со посебноста, историјата, обичаите, традицијата“, порача Мицкоски.
На обединување ги повика сите, без разлика дали се политички определени или неопределени, леви, десни, либерални или конзервативни. Тој има се обрати на на „сите што се чувствуваат понижени, омаловажени и засрамени поради т.н. ‘домат дипломатија’ на Владата, оние што ја почувствувале суровоста на пандемијата, кои загубиле близок или не добиле навреме медицинска нега, земјоделците чиј труд не е соодветно платен, младите кои чувствуваат бесперспективност и на жртвите од цунами-економијата на Владата”.
Кон крајот на ноември, од опозициската партија најавија дека наскоро во Собранието ќе бараат да се стави на испит довербата на Владата.
„ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на 100-те дена од формирањето на Владата, ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието. И очекуваме Владата да не ја добие довербата, односно најмалку 61 пратеник да и’ изгласаат недоверба на Владата на Зоран Заев”, најави потпретседателот на партијата Александар Николоски.