Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес одржа состанок со претставници на државните факултети, информатичките комори и ИКТ секторот за почетокот на изготвувањето на краткорочната и долгорочната стратегија за развој на ИКТ на Република Македонија.
„Живееме во ера каде што паметните мобилни уреди, социјалните медиуми, колаборативните алатки и работењето во облак постојано го менуваат начинот на кој што луѓето комуницираат со владата, бизнисите и едни со други. Информацијата е валута, обликувајќи ги услугите, како и насочувањето и канализирањето на корисничкото однесување.”- изјави министерот Ивановски.
Тој исто така истакна дека со Владините ИКТ проекти е предвиденo да се направи систем каде што информацијата ќе биде во центарот, а не технолошки центрираните модели како што е денеска.
Во програмата на Министерството за информатичко општество и администрација предлозите и проектите се со информацијата во центарот, а врз база на таа информација секој граѓанин ќе може да добие услуга која ќе биде креирана според неговите потреби .
Свое обраќање за медиумите имаа и Претседателот на ИКТ комората при Сојузот на Стопански Комори на Република Македонија, Саша Огненовски , деканот на Факутетот за информатичките науки и компјутерско инженерство, Димитар Трајанов и деканот на Факултетот за електротехника и информациските технологии , Миле Станкоски кои истакнаа дека стратегијата е добра можност за развој на ИКТ индустријата, продуцирање на ИТ кадар и организирање на системите во клауд во Република Македонија.