Могерини: ЕУ ќе продолжи да работи на зачувување на иранскиот нуклеарен договор

Европската унија ќе продолжи да работи на зачувувањето на нуклеарниот договор од 2015 година со Иран и ќе го поздрави секој чекор што ќе придонесе за подобрување на неговите услови, изјави денеска шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини

-Мојата улога е да го зачувам целосното спроведување на постојните договори. Повторувам, ако нешто друго може да се догради врз нив, тоа ќе биде поздравено од Европската унија, изјави Могерини пред новинарите во текот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во Хелсинки.

Нуклеарниот договор е загрозен откако САД лани се повлекоа од него и повторно воведоа економски санкции кон Иран, настојувајќи да го принудат Техеран да се согласи со пошироки отстапки, вклучувајќи и лимитирање на неговата програма за балистички проектили.

Новата надеж за деблокирање на политичкиот ќорсокак се појави откако шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф во неделата допатува на разговори со земјата домаќин Франција на самитот на Г7 во Бијариц.

Могерини  одби директно да одговори на прашањето дали САД сега бараат Иран да направи повеќе од тоа на што се согласи во барањата од постојниот договор.

-Нашата работа е во тоа да обезбедиме целосно почитување од Иран на неговите обврски од нуклеарниот договор, рече Могерини, пренесена од британските медиуми.