МЗ: Децата заболени од морбили се во стабилна здравствена состојба

Во моментов, на клиниката има вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ и директорката на Клиниката за детски болести Катарина Ставриќ, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа дека за едно деноноќие на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се два нови случаи со морбили (мали сипаници).

Во моментов, на клиниката има вкупно 20 пациенти со потешка клиничка слика предизвикана од ова заболување. Засега, има само едно дете кое беше со полоша клиничка слика, но според најновите информации од утринава неговата состојба е стабилизирана.

„Од вчера имаме 2 нови случаи на заболени деца од морбили на Клиниката за детски болести, од хемато-онколошкото одделение. Нивната состојба е стабилна и под контрола. Претходно имавме едно дете, кое е пуштено на домашно лекување и е здраво. Во текот на ноќта нивната состојба будно беше следена од лекарскиот тим и сите деца се соодветно третирани“, изјави директорката на Клиниката, Катарина Ставриќ. Мерките за спречување на ширење на болеста во рамките на Клиниката континуирано се преземаат.

Директорката на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби Милена Ставриќ апелираше до родителите да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и кога ќе се посомневаат во симптоми на болеста, прво и задолжително да посетат матичен лекар, а по 19:30 часот да отидат во дежурните пунктови „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“ и „Бит пазар“. Овие пунктови за време на викендот работат 24 часа.

„Вакцинацијата мора да продолжи и уште еднаш апелираме сите граѓани кои не се сигурни во својот вакцинален статус или родители кои имаат невакцинирани деца, да се вакцинираат во најбрз можен рок“, потенцираше директорката Стевановиќ.

Бројот од 4,200 вакцинирани од почетокот на епидемијата од морбили (мали сипаници), зборува дека граѓаните ја сфатиле сериозноста на препораките од Комисијата за заразни болести. Напоменувам дека бројот на вакцинирани со МРП треба да е барем двојно поголем, со цел да се спречи уште поголем број на заразени. Колку е помал бројот на заболени, толку е помал и ризикот од несакани последици и компликации.

Состојбата со епидемијата будно ја следиме и ја држиме под контрола. Благодарени на навремено прогласување на епидемија и конкретните мерки кои веднаш беа преземени, спречивме побрзо ширење на болеста бројот на заболени засега е се уште низок.