Над 20 милиони луѓе во светот се вакцинирале со Спутник V  

Повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот ја примиле руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“, објави рускиот фонд за директни инвестиции (РПФИ).

Вакцината „Спутник V“ е одобрена во повеќе од 60 земји во светот, кои заедно имаат 3,2 милијарди жители, според РПФИ кој финансиски учествуваше во создавањето на медицинскиот препарат, а ја води неговата промоција во странство и склучува договори за продажба на производство на вакцината.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека предлогот фармацевтските компании да се откажат од правата на патенти за вакцините против Covid-19 е идеја што вреди да се разгледа и дека тој е отворен за тоа, пренесе Интерфакс. „Пандемијата е вонредна состојба“, рече тој.

Путин рече дека Русија произвела „лесна“ верзија на „Спутник V“, која сега е достапна во земјата. Оваа верзија се дава само во една доза и е речиси  80 проценти ефективна, според РФПИ.

Полесната верзија на вакцината делува побрзо, но и нејзиниот заштитен ефект трае пократко, според информациите објавени претходно.

Русија сега има четири вакцини против Covid-19 и произведени се 31,9 милиони дози.

9,4 милиони Руси, или 6,4 проценти од населението, биле целосно вакцинирани, а 9 проценти ја примиле првата доза, рече вицепремиерката Татјана Голикова.

Повеќето Руси, според анкетите, не сакаат да се вакцинираат.