Недоволно конкретни мерки за намалување на смртноста на бебињата

Според стапката на смртност на новороденчиња, Македонија е на второ место во Европа, веднаш зад Молдавија,  бидејќи Министерството за здравство покажа недоволно конкретни мерки  и покрај напорите за намалување на бројките, истакна Беким Татеши од комисијата за здравство при Алијансата за Албанците на денешната прес-конференција во Тетово, во пресрет на 17-ти ноември – Светскиот ден на предвреме родените деца.

Татеши посочи дека според проценката на УНИЦЕФ, висока смртност на новороденчињата е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјата.

Македонија е сместена во групата  земји со средно високи примања, со стапка на смртност кај новороденчињата од 8,3. Тоа е просечната бројка на илјада новородени кои починале во првите 28 дена од животот. Оваа црна статистика ја става Македонија на врвот во регионот по стапката на смртност на новороденчиња, а втора во Европа, веднаш зад Молдавија. Според стапката на смртност, Македонија е во друштво со Гренада, Маврициус, Колумбија и Фиџи. Од земјите во регионот висока стапка на смртност има во Турција – 6,5; Албанија- 6,2; а подолу на листата е и Босна и Херцеговина со  4,7 , Србија со 3,7 , Хрватска со 2,9 и Црна Гора со 2,7 промили, рече Татеши.

Од Алијансата за Албанците побараа здружување на сите релевантни политички фактори во здравството со цел да се избегнат поразителните резултати и несаканото водство во црните статистики.

Предложија Стратегија во три точки за намалување на смртноста на доенчињата и родилките што предвидува  подобрување на инфраструктурата и обезбедување оптимална опрема за непречено работење на медицинскиот персонал, преземање итни мерки за спречување на внатрешна или надворешна миграција на искусниот медицински персонал и отворање неонатолошки единици за интензивна нега и терапија во Тетово, Струмица и Битола.