Нема докази дека нервиот агенс е произведен во Русија, објави британска воена лабораторија

© EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Првиот човек на британската воена лабораторија во Порт Даун, Гери Ејткенхед во разговорот за телевизијата Sky News изјави дека не може да се утврди дека нервниот агенс употребен врз поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, е произведен во Русија.

Воената хемиска лабораторија Порт Даун се наоѓа на само 7 километри од јужниот англиски град Солсбери каде што на 4-ти март е изведен споменатиот напад со нервниот отров.

„Можевме да утврдиме дека станува збор за ‘новичок’, нервен отров од воен тип. Но не го утврдивме точниот извор“, додал и прецизирал дека британската влада употребила одреден број други извори за да дојде до своите заклучоци

Станува збор за нервен агенс кој британската влада го нарече „новичок“ алудирајќи го неговото наводно руско потекло, поради тоа што бил развиван во времето на поранешната советска армија. Русија, пак, вели дека станува збор за агенс познат како А234 и оти на негово развивање работеле и Велика Британија, Шведска, Чешка, Словачка и САД

„Нашата работа е да дадеме научни докази за идентификувањето на нервниот отров за кој станува збор, но не е наша работа да кажеме каде е произведен“, изјавил Ејткенхед. Притоа додал дека за производство на овој отров се неопходни „извонредно сложени методи, единствено изводливи на државно ниво“.

Ејткенхед ги отфрлил руските обвинувања според кои нервниот отров е произведен во британска воена лабораторија. „Апсолутно е невозможно да биде произведен кај нас или дека тоа можело да излезе од лабораторијата“, додал.

„Имаме највисоки нивоа на безбедност и надзор. Редовно спроведуваме проверки од Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) за да се убедиме дека дејствуваме во рамките на овој систем на контрола. Доколку би имал каков и да е сигнал дека нешто може да излезе надвор од овде, тогаш не би ни дозволиле да работиме“, додал шефот на британската воена лабораторија.

Во понеделникот зборувајќи за можните мотиви за нападот врз таткото и ќерката Скрипал, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повтори дека би можело да е во интерес на британската влада оваа афера, која се најде во непријатна позиција, бидејќи не може да ги исполни своите ветувања за Британците за условите во кои ќе се одвива излегувањето на земјата од Европската унија.