Неонацистичката грчка партија Златна зора нема да освои места во новиот состав на грчкиот парламент, покажуваат проекциите по речиси третината од обработените избирачки места од предвремените парламентарни избори во неделата, изјави за јавниот сервис ERT Јанис Теодоропулос, претставникот на компанијата „Singular Logic“ којашто ги обезбедува податоците во електронскиот систем на Министерството за внатрешни работи кое е задолжено за спроведување на изборите.
Според податоците од 31,86 отсто од избирачките места, екстремните националисти од Златна зора, освојуваат 2,9 отсто од гласовите, со што не го надминува изборниот трипроцентен праг.
Опозициската конзервативна партија Нова демократија освојува 38,87 отсто од гласовите, што во овој момент претпоставува 159 мандати од 300-те во грчкиот парламент.
Владејачката Коалиција на радикалната левица – Сириза освојува 31,32 отсто од гласовите, односно 85 пратеници. Движењето за промени Кинал освојува 8,26 отсто или 23 мандати, Комунистичката партија на Грција добува 5,3 отсто или 14 места, а ултрадесното движење Грчко репение на Киријакос Велопулос – 3,77 отсто или 10 мандати, а движењето МЕРА25 на поранешниот министер за финанси Јанис Варуфакис освојува 3,37 отсто од гласовите или девет пратеници.