Норвешкото разузнавање пукањето во Осло го смета „исламски тероризам“

Норвешките разузнавачки служби (PTS) задолжени за борба со тероризмот, објавија во саботата дека го третираат како „чин на исламски тероризам“ пукањето во коешто загинаа две лица, кое се случи во бар во главниот град Осло кој го посетува главно ЛГБТИ популација.

Осомничениот е уапсен веднаш по нападот во кој покрај двете жртви има и уште 21 повредено лице.

Уапсениот има „долга историја на насилства и закани“, а на радарот на PST е „од 2015 година во врска со загриженоста за неговото радикализирање и припадноста на „мрежа на исламскиот екстремизам“, изјави шефот на норвешкото разузнавање Роџер Берг на прес-конференција.

Полицијата претходно објави дека станува збор за 42-годишен државјанин на Норвешка од иранско потекло познат од претходно на полицијата, но поради помали казнени дела.

Според Берг, припадници на разузнавачките служби со него разговарале во мај, но не оцениле дека има „насилни намери“. PST, исто така, е запознаен со „проблемите во врска со неговото ментално здравје“, додаде .

Нападот се случи во ноќниот клуб „London Pub“ во центарот на Осло ноќта кон саботата. Било пукано и на други места во близина на клубот. Граѓаните кои се нашле на местото на настанот помогнале во апсењето на напаѓачот, за што норвешката полиција им се заблагодари.

Извршен е претрес на станот на напаѓачот, а запленети се и двете парчиња огнено оружје користени во нападот. Според полицијата, сѐ укажува на тоа дека напаѓачот дејствувал сам, а претходно отслужил повеќемесечна затворска казна поради кривични дела во врска со наркотици.

Поради нападот во Осло, разузнавачките служби го подигнаа нивото од терористичка закана во земјата.