Шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас на 25-ти април, во среда попладне ќе имаат состанок со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц, потврди Министерството за надворешни работи.
Средбата во вторникот попладнето ја потврдија и Обединетите нации, наведувајќи во официјалното соопштение дека е дел од напорите за пронаоѓање заемно прифатливо решение за името.
Информацијата за средбата ја потврди и грчката дипломатија. Грчкиот информативен портал In минатата седмица објави дека новата средба се планира во голема тајност, но индиректно ја поврзува и со изјавата на Коѕијас за радиото 247 дека не може да се постигне договор до јулскиот НАТО Самит.
„Многу веројатно е новите разговори да се однесуваат на временскиот период, нешто што се спомена и по средбата во Охрид“, пишува порталот.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, во вторникот изрази оптимизам дека грчкиот спор во врска со името на Македонија би можел да се реши во следните петанесетина дена.
„Јас сум оптимист дека во следните две недели ќе имаме решение. Барем решение кое ќе го отвори патот за почеток на разговорите за пристап со ПЈРМ.Мислам дека сите се согласуваат дека ова ќе биде корисно за земјата, за општеството и целиот регион на Западен Балкан “, изјави еврокомесарот пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Премиерот Зоран Заев коментирајќи ја изјавата на еврокомесарот Хан изјави дека не верува оти за две седмици може да се реши спорот за името.
„Еврокомесарот Јоханес Хан е голем пријател на Македонија и дај Боже тој да има информација што за две недели би завршиле. Јас тоа го посакувам, но верувам дека не е можно затоа што утре имаме средба меѓу двајцата министри за надворешни работи. Знам од прилика како ќе се разговара и до каде очекуваме да завршиме. Генерално тоа што јас го очекувам е да направиме максимални напори до одлуката на Советот на Европската унија затоа што сигурни сме дека ако имаме решение дотогаш, покрај тоа што заслужуваме, ќе добиеме дефинитивни и најсилни гаранции оти ќе добиеме датум за преговори“, рече Заев.
Во однос на поканата за НАТО, посочи оти е познато дека таа се добива автоматски.
„Убаво е за две недели да го решиме, тоа ќе значи почеток на автоматската покана за НАТО третата недела од денеска преку ратификацијата во земјите членки. Но, верувам дека се работи за седмици пред нас, но мислам дека две седмици се премалку“, рече Заев.
Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што веќе беше соопштено по нивната средба во Охрид, ќе се сретнат и на двете конференции кај јужниот сосед, едната на 3 и 4 мај во Солун, другата една седмица подоцна во Сунио.
Првата е регионална конференција со учество на Македонија, Албанија, Бугарија и домаќинот Грција, која веќе неколкупати се има одржано во истиот формат и се однесува на меѓуграничната соработка. На 11-ти и 12-ти мај, местото Сунио на 70-ина километри во Атина, познато по Храмот на Посејдон, ќе биде домаќин на Конференцијата за иднината на Европа. На конференцијата ќе учествуваат претставници на Вишеградската четворка: Словачка, Чешка, Унгарија и Полска, како и и балканските земји.
Во врска со преговорите во Скопје и Атина, лидерот на партијата Река (Потами), Ставрос Теодоракис во вторникот изјави дека некои устави можат лесно одново да се сменат, но не и меѓународните договори со ЕУ и НАТО и додаде дека Движењето за промена, во чија коалиција е и неговата партија, бара решение со сложено име за севкупна употреба со конкретни гаранции врз основа на Меѓународен договор дека запира иредентистичката политика.
Теодоракис во интервју за грчкото радио 247, објасни зошто акцентот не го става на уставната ревизија, туку на еден договор со ЕУ и НАТО.
„Некои устави може лесно да се сменат, посебно во Скопје, ги нема нашите одредби. Со едно мнозинство, утре, една ‘лоша влада’ може одново да го смени Уставот и повторно да има иреденистички глупости. Што не може да се промени? Не може да се промени Меѓународен договор на земјата со Европската унија и НАТО. Затоа ние бараме и мислиме дека е во интерес на Грците, нашите соседи, да се обврзат меѓу себе, туку да се обврзат со Европската унија и НАТО“, рече Теодоракис и објаснува дека со еден ваков договор, ако некој во иднина сака да смени нешто и да не ги задржи обврските, тогаш ја доведува во опасност позицијата во ЕУ и НАТО.
Лидерот на Река, вели дека треба да се реши проблемот со името и изрази надеж дека доколку решението е патриотско и во рамките на позициите на партијата, тогаш може да добие поддршка од грчкиот парламент.
„Ако решението е она што го побара Река, а да бидеме искрени тоа е и решение што го бара мнозинството од политичкиот систем, затоа што нашето решение е решението што го има кажано и Бакојани и СИРЗА, тоа е решение, да речеме патриотско. Ако дојде ова патриотско решение мислам дека ќе добие големо мнозинство во парламентот“, рече Теодоракис.