Џонсон најави нови ограничувања во Велика Британија кои може да траат шест месеци

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, во вторникот објави дека нови ограничувања ќе се спроведат во Англија од четврток за да се спречи ширењето на коронавирусот во услови кога е забележан скок во случаите, но инсистираше на тоа дека нема да има враќање на целосното заклучување како во март.

Џонсон потврди дека пабовите и рестораните ќе бидат ограничени на услугата на маси и ќе мора да се затворат во 22 часот. Тој исто така истакна дека сите луѓе кои се во можност, треба да работат од дома.

Сличен потег за Шкотска се очекува да објави и првиот министер, Никола Старџен. Понатамошни ограничувања се објавуваат и за Велс и Северна Ирска.

Премиерот предупреди дека мерките можат да останат на сила во наредните шест месеци, освен ако не се најде порано вакцина и се закани дека ќе ги заостри доколку не се почитуваат или не дадат посакувани резултати.