Во пресрет на продолжувањето на преговорите меѓу САД и Северна Кореја за нуклеарната програма на Пјонгјанг овој викенд, аналитичарите истакнуваат дека челниците на двете земји се под сѐ поголем притисок да постигнат договор, но и оти е нејасно како ќе се дојде до заеднички став по повеќемесечниот застој и јакнењето на тензиите.
Средбата во Стокхолм ќе биде првиот официјален дијалог на ниво на работни групи, откако американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун се сретнаа во текот на јуни на границата меѓу двете Кореи и објавија дека ќе ги обноват преговорите кои влегоа во ќорсокак по нивниот самит во февруари во Виетнам. Меѓутоа, американските функционери од јуни не успеваат да го вратат Пјонгјанг на преговарачката маса. Се чини дека тоа се променило оваа седмица, кога Северна Кореја ненадејно објави дека се согласила на разговори.
Влоговите за Трамп и за Ким се зголемени, но двете страни не покажуваат знаци за тоа по кое прашање би можеле да се согласат на компромис. Северна Кореја во средата тестираше балистичка ракета дизајнирана за лансирање од подморница, што е последниот во низата ракетни тестови за кои аналитичарите нагласуваат дека ја покажува потребата Вашингтон да ги забрза преговорите за барем делумно да го ограничи сѐ поголемиот арсенал на Пјонгјанг.
Трамп, пак, во разговор со новинарите во Вашингтон го ублажи значењето на севернокорејските проби. Пјонгјанг е под жестоки санкции кои му забрануваат поголема трговија, иако Обединетите нации предупредија дека оваа изолирана азиска земја ги заобиколува поголемиот број од санкциите.
Се очекува дека на средбата во Стокхолм американската делегација ќе ја предводи специјалниот претставник за Северна Кореја, Стивен Биејган. Тој често заземаше попрагматичен простап отколку поранешниот советник на Белата куќа за национална безбедност, Џон Болтон, кој претседателот Доналд Трамп го поттикнуваше во Ханој, каде се одржа вториот самит на челниците, да зазаме поагресивен став. Аналитичарите сметаат дека откако Болтон беше разрешен во септември, тоа ќе ги засили американските обиди да ги заживеат преговорите, но не и да ја олесни целта на Вашингтон да го наговори Пјонгјанг да се откаже од намерата нуклеарно да се вооружи.
Севернокорејската делегација ќе ја предводи поранешниот амбасаодр во Виетнам, Ким Мјонг Гил, кој го замени својот претходник, наводно разрешен во процесот на реорганизација на дипломатијата. „Постои нов сигнал од американска страна, па заминуваме со големи очекувања и оптимизам околу резултатите“, рекол Ким за новинарите во Пјонганг пред патувањето во Стокхолм.
Најверојатно Пјонгјанг ќе бара објавување на крајот на војната која службено сѐ уште треае, од 1950 до 1953 година која заврши со примирје а не со потполн мировен договор, смета професорот Рамон Пачеко Пардо од Кралскиот колеџ во Лондон кој се сретнел со севернокорејскиот функционери во одвоени разговори. Ќе бараат и отворање канцеларии за врски во двете земји, а можеби и економска помош, додава Пардо.
Најважниот приоритет, секако, ќе биде укинување на санкциите, бидејќи Ким Џонг-ун мора да покаже дека добива полза од Вашингтон, истакнува аналитичарот. „Од прспектива на Пјонгјанг, тоа би покажало дека САД се сериозни по прашањето за постепен процес“, додава Пардо за Reuters. А каков и договор да биде постигнат на работните преговори, би бил финализиан на следниот самит на Трамп и Ким.