Пет лица, меѓу кои и осумгодишно дете, се убиени во пукање во семеен дом во Кливленд во американската сојузна држава Тексас, извести во саботата телевизиската мрежа ABC News, повикувајќи се на претставници на локалните власти и полицијата.
Пукањето се случило во петокот доцна ноќта и полицијата сѐ уште трага по осомничениот. Станува збор за вооружен Мексиканец кој е во бегство и кој би можел да биде под дејство на алкохол, предупредува полицијата.
Канцеларијата на шерифот на округот Сан Џакинто околу полноќ примила дојава за насилство во еден дом во Кливленд, а кога полицајците пристигнале пронашле пет жртви со прострелни рани. Според првите процени, убиствата наликувале на егзекуција.
Се додава дека четири лица биле најдени на самото место на злосторството, додека петтата жртва починала на пат кон болница. Најмладото загинато лице е осумгодишно дете. Под телата на двете женски жртви се пронајдени две преживеани деца.
Полицијата засега не го открива идентитетот на жртвите, ниту во каква поврзаност се со осомничениот напаѓач, но потврди само дека потекнуваат од Хондурас.