По Матис уште eден американски функционер поднесе оставка поради Сирија

Главниот американски функционер во борбата против џихадистичката групација Исламска држава, Брет Мекгарк, поднесе оставка поради одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече американските војници од Сирија оценувајќи дека радикалната сунитска организација е воено поразена на теренот.

Според извештаите на американските медиуми од саботата, Брет Мекгарк, специјалниот американски пратеник во меѓународната коалиција против Исламската држава, поднел оставка во петокот, пренесува телевизиската мрежа CBS News, повикувајќи се на сигурни извори.

Мекгарк, претходно најави дека од должноста ќе замине кон крајот на февруари, кога требаше да биде пензиониран и министерот за одбрана Џим Матис, кој се повлече од функцијата во четвртокот. Оставката на Мекгарк, кого на должноста го именуваше во октомри 2015 година претходниот претседател Барак Обама, е резултат на „длабоките несогласувања“ со одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече американските војници од Сирија, наведува телевизијата.

Трамп во средата објави целосно повлекување на американските единици од Сирија, со објаснување дека е постигната главната цел – уништувањето на Исламската држава. Трамп претходно во кампањата ги критикуваше неговиот претходник Барак Обама и неговата противкандидатка на претседателските избори 2016-та, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, и двајцата демократи, дека придонеле за формирањето на споменатата џихадистичка групација којашто од 2014 година држеше големи територии од Сирија и од Ирак.

Одлуката на Трамп ја критикуваа некои републиканци, додека некои американски сојузници се загрижени. Но Турција, сепак, изрази задоволство по годините несогласувања со двете администрации во Вашингтон околу Сирија, поради тоа што САД ги вооружуваа и обучуваа силите на сириските Курдски кои заземаа голема територија по должината на турската граница, а Анкара ги смета за сириско крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), која повеќе од три децении води вооружен бунт против турската држава.

Џим Матис, си поднесе оставка од челото на Пентагон во четвртокот, признавајќи дека не се согласува со оваа одлука на Доналд Трамп, да се запре американската интервенција во Сирија којашто започна во септември 2014 година во време на администрацијата на демократите со воздушни удари. Според многу процени, станува збор за скапа и долга интервенција која тешко ги постигнуваше своите цели.

Американскиот специјален пратеник за Сирија, Џим Џефри, го откажа планираниот состанок во Обединетите нации, на кој во четвртокот требаше да разговара за сирискиот мировен процес, според американски функционери. Џефри беше именуван за претставник за Сирија во август, кога изјави за медиумите дека САД нема да се повлечат од Сирија сѐ додека Исламската држава не биде поразена. Но Џефри деновиве не ја коментираше одлуката на Трамп за повлекувањето на војниците.