Искрено сочувство до семејството на прерано починатата Илинка Митрева, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ и министерка за надворешни работи, стои во објавата на СДСМ.
-Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија.Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици.Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните.Нека почива во мир, велат од СДСМ.
Митрева е родена на 11 февруари 1950 година во Скопје. Беше професорка по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност и е автор на повеќе стручни и научни трудови.
Функцијата пратеник во Собранието ја извршуваше од 1994 до 2001 година. Митрева беше претседател на Комисијата за надворешна политика и шеф на Делегацијата на Македонија во Парламентарната димензија на Централно европската иницијатива, шеф на собраниската Група за соработка со Европскиот Парламент и член на Иницијативниот одбор за создавање клубови на НАТО. Од 13 мај до 23 ноември 2001 беше министерка за надворешни работи на Република Македонија. По победата на СДСМ на парламентарните избори во 2002 година повторно беше назначена на оваа функција од 1 ноември 2002 година.