Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска се обрати на редовниот состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена. Тој даде кус осврт на актуелните состојби во Република Македонија, а во светло на последните разговори во Брисел.
Во тој контекст министерот истакна: „Стратешката цел за целосно интегрирање на Република Македонија во евро-атлантските структури која има широка поддршка во македонското општество бара сериозен и конструктивен политички ангажман “.
-Република Македонија демонстрираше капацитет за дијалог во кој сите политички чинители треба да се однесуваат одговорно со цел да се надминат актуелните предизвици, подвлече Попоски.
Осврнувајќи се на долгогодишната успешна соработка со ОБСЕ во поддршка на реформскиот процес во Република Македонија, Попоски ги изрази очекувањата за ангажманот на ОБСЕ во поддршка на договорените активности пред се во сферата на изборниот процес.
-ОБСЕ има експертиза која може да биде корисна за зголемување на довербата и одржување фер и демократски избори. Тоа ќе биде од помош за отстранување на креирани предизвици поради недоверба, истакна Попоски.
Во рамки на престојот министерот Попоски имаше работен ручек со група амбасадори во организација на претседавачот на ОБСЕ.
На маргините на состанокот Попоски оствари повеќе билатерални средби, воедно предвидено е да се сретне и со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано.