
Владеењето на правото е најслабата точка на патот за членство во Евроспката унија, без оглед на последниот позитивен извештај од Европската комисија, оцени во вторникот германскиот експерт Рајнхард Прибе и од Меѓународната научна конференција за реформите на безбедносниот систем што се одржува во Охриддодаде дека Македонија има уште многу работа на патот за членство во блокот.
Експертот кој подготви два извештаи за системските прашања во однос на владеењето на правото по скандалот со незаконските прислушувања, од Охрид препорача сите фактори во општеството да се ангажираат и да ги решат сите забелешки од извештајот на Брисел.
„Владеењето на правото е суштинско за доближување на земјата кон ЕУ, сите ресурси и сили во општеството да се залагаат за ова цел… Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија укажува на значаен напредок во одредени области, но постојат и доста области каде мора уште многу да се сработи, да се спроведат неопходни реформи во евроинтегративниот процес. Во извештајот централно прашање и приоритет е владеењето на правото со сите аспекти. Во секој случај, реформите на кои укажавме ние во многу области треба да се спроведат не само заради исполнување на условите за евроинтегративниот процес, туку повеќе за самите граѓани“, порача Прибе.
Прибе, кој ја предводеше експертската група на ЕУ задолжена за системски прашања, подготви два извештаи, еден во 2015 и вториот во 2017 година. Во нив беа препорачани темелни реформи во политизираното судство, реформи во УБК, борба против корупцијата, прекинување на политичките притисоци врз медиумите, врз регулаторните тела, вклучително и Антикорупциската комисија и слично. Според германскиот експерт, многу недостатоци во овие области сè уште не се надминати.
„Немам детален увид во она што се случуваше, што е направено во текот на изминатите две години по однос двата извештаја што ги изготвивме како експертска група, оние од 2015-та и од минатата година. Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија укажува на значаен напредок во одредени области, но постојат и доста области каде уште мора многу да се сработи, да се спроведат неопходни реформи во евроинтегративниот процес. Очигледно е дека во извештајот централно прашање и приоритет е посочено владеењето на правото со сите аспекти што ги подразбира“, истакна Прибе.
Прибе кој ја предводеше петчлената експертската група на ЕУ задолжена за системски прашања, во изјавата за медиумите нагласи дека повеќе не е официјален претставник на ЕУ, но лично се надева дека Македонија и државите од регионот ќе направат исчекор во процесот на евроинтеграција.
„Во секој случај, реформите на кои укажавме ние, а се посочуваат и во Извештаите на ЕУ, треба да се направат, не само заради напредок во тој евроинтегративен процес туку повеќе за самите држави и граѓаните пред сѐ“, рече Прибе.
Одби да издвои област каде би требало политиката, државата и институциите да ги насочат своите реформски процеси.
„Се работи за серија препораки. Вледеење на правото е клучно за проближување кон ЕУ, сите ресурси и сили во општеството би требало да бидат ангажирани и насочени кон таа цел“, одговори Прибе.
Тој имаше свое изглагање пред учесниците на Конференцијата за реформи во безбедносните структури, во кое ја нагласи важноста на безбедносните прашање во процесот на приближување и членство во ЕУ, оттаму што самата Унија се соочува со проблеми од безбедносна природа.
„Безбедносните прашања не можат да се разграничат дали ги засегаат државите члнеки на ЕУ и на оние кои се апсиранти за членство. ЕУ и државите од Западен Балкан мора да соработуваат кога е во прашање безбедноста, така што тоа прашање е високо на агендата на ЕУ“, рече Прибе.
Професорката по политики на ЕУ при Софискиот универзитет, Ингрид Шикова, пак, истакна дека безбедносните прашања се од голема важност не само за земјите од регионот, туку и континентално па и глобално.
„Не случајно Бугарија за време на претседавањето со ЕУ меѓу приоритетите го постави прашањето на безбедноста на Западниот Балкан. Што поскоро земјите од регионот ги исполнат критериумите за безбедноста во процесот на зачленување, тоа ќе придонесе за побезбедна Европа. Државите од Западен Балкан треба да го следат примерот на помирување на државите од Западна Европа по Втората светска војна, и преку надминување на споровите да придонесат за поголема безбедност на континентот. Клучно прашање во безбедноста е заедничкиот настап во справувањето со предизвиците“, рече Шикова.
Конференцијата за безбедност што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност има за цел академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може да им се даде научно-истражувачка димензија.
Научниот собир треба да понуди решенија за идната поставеност на безбедносните систем со цел ефикасен одговор на современите ризици и закани по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.